MKinformer

your daily dose of news

Украина остро: Нема да прифатиме „празни“ безбедносни гаранции од Западот

28/01/2026 10:13

Украина нема да прифати формални и суштински бесмислени безбедносни гаранции од западните земји, бидејќи прашањето за одбрана од потенцијална идна агресија го смета за клучен дел од секој иден мировен договор. Ова го изјави амбасадорката на Украина во НАТО, Олена Хетманчук.

Во уреднички текст за британскиот весник Телеграф, Хетманчук истакна дека претпазливоста на Украина произлегува од трауматичното искуство со договорите од Минск, кои, според неа, не обезбедиле реална заштита и стабилност.

„Украинците нема да прифатат уште еден бесмислен предлог, без разлика колку вешто е спакуван како „безбедносна гаранција“ “, напиша Хетманчук, додавајќи дека довербата во вакви модели е сериозно нарушена.

Таа нагласи дека Украина, и покрај војната, „не бара премногу“, вклучително и членство во НАТО, иако оваа идеја има силна поддршка во јавноста. Истовремено, како што посочи, не постои очекување земјите-членки на Алијансата директно да ја заменат улогата на украинската армија.

Според Хетманчук, во Украина постои јасен консензус дека украинската армија и домашната одбранбена индустрија мора да останат основата на секој систем на безбедносни гаранции. Таа потсети дека на 23 јануари, НАТО веќе започнал да работи на воената компонента на идните гаранции по завршувањето на конфликтот со Русија.

Претходно, украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека по евентуален прекин на огнот, европски воен контингент треба да биде распореден во Украина како механизам за одвраќање и стабилизација.

Во меѓувреме, шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто повторно го потврди ставот на Будимпешта дека нема да дозволи Украина да стане членка на Европската Унија. Тој реагираше на изјавата на украинскиот министер за надворешни работи Андреј Сибиха дека Унгарија е „единствената пречка“ за украинското членство во ЕУ.

„Ова е целосно точно. Додека оваа унгарска Влада е на власт, Украина нема да биде членка на Европската Унија“, напиша Сијарто, тврдејќи дека членството на Украина би донело економски штети, притисок врз европските земјоделци и безбедносни ризици за Унијата.

Тој додаде дека Украина, според него, се меша во претстојните парламентарни избори во Унгарија, закажани за 12 април, тврдејќи дека изборот е „мир или војна, Унгарија или Украина“. Поради овие обвинувања, унгарското Министерство за надворешни работи веќе го повикало украинскиот амбасадор во Будимпешта на разговор.

error: Содржината е заштитена од копирање !!