Граѓаните повторно на улица: „Стоп за Усје“ бара итна заштита на здравјето и животната средина
31/01/2026 14:44
Граѓани денеска повторно излегоа на протестен марш во организација на граѓанската иницијатива Стоп за Усје, барајќи конкретни мерки за заштита на здравјето и животната средина.
Со транспаренти и пораки како „Профит за нив, болести за нас“, „Дишеме отров“, „Воздухот не е луксуз, тоа е право“ и „Стоп за загадувањето“, учесниците порачаа дека економските интереси не смеат да бидат поважни од здравјето и квалитетот на живот на граѓаните.
Протестниот марш започна во 12 часот пред Влада на Република Македонија, по што демонстрантите се упатија кон Собрание на Република Македонија, а потоа продолжија пред Министерство за животна средина и просторно планирање.
Од граѓанската иницијатива истакнаа дека институциите имаат законска и морална обврска да постапуваат во интерес на јавноста и дека загадувањето на воздухот претставува директна закана по јавното здравје. Тие побараа итни, транспарентни и ефикасни мерки, нагласувајќи дека одложувањата и игнорирањето на проблемот имаат сериозни последици врз животот на граѓаните.






