Хоџа најави построги мерки против загадувањето: Нови стандарди за индустријата и регионални центри за отпад
30/01/2026 16:02
На денешниот брифинг со новинарите, министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа ги претстави клучните приоритети на Министерство за животна средина и просторно планирање, со посебен фокус на борбата против загадувањето на воздухот и унапредувањето на системот за управување со отпадот.
Хоџа истакна дека транспарентноста, институционалната одговорност и активната работа на терен ќе бидат водечки принципи во неговиот мандат. Според него, еколошките предизвици ќе се решаваат преку тесна соработка со институциите, локалната самоуправа, граѓанскиот сектор и самите граѓани.
Во насока на подобрување на квалитетот на воздухот, министерот потсети дека од септември 2027 година стапува на сила веќе усвоениот Закон за контрола на емисиите, со кој се воведуваат построги стандарди за индустријата. Законот предвидува и јакнење на надзорните капацитети на Министерството, со цел поефикасна контрола и намалување на загадувањето.
Паралелно, Хоџа информираше за конкретни активности во областа на современото управување со отпадот. Меѓу приоритетите се изградбата на регионални центри за управување со отпад, затворање на дивите депонии и создавање услови за развој на рециклирањето како одржливо решение.
На крајот, министерот нагласи дека заштитата на животната средина е заедничка одговорност и дека Министерството останува целосно посветено на спроведување политики што ќе придонесат за подобрување на квалитетот на животот и обезбедување одржлив развој, во согласност со европските стандарди.






