MKinformer

your daily dose of news

Миноски со конкретен предлог: Подигнување на прагот за ДДВ како спас за микро и малите бизниси

02/02/2026 20:55

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски во јавна објава на социјалните мрежи изнесе аргументи зошто подигнувањето на прагот за регистрација за ДДВ е неопходен чекор за поттикнување на економскиот раст и зајакнување на микро и малите претпријатија во Македонија.

Според Миноски, претприемачите и малите бизниси се клучниот двигател на економијата. Во земјава, микро компаниите учествуваат со околу 90,4 проценти, а малите со 7,4 проценти од вкупниот број претпријатија. Тоа значи дека над 97 проценти од сите фирми спаѓаат во категоријата микро и мали бизниси.

Во моментов, обврската за регистрација за ДДВ во Македонија започнува при годишен промет над 2.000.000 денари, односно околу 32.000 евра. Миноски укажува дека овој праг е значително понизок во споредба со регионот и Европската Унија. Во Србија прагот изнесува околу 65.000 евра, во Хрватска и Словенија по 60.000 евра, додека во Албанија околу 80.000 евра.

„Во најголем дел од соседните земји и земјите членки на ЕУ прагот е двојно повисок, што им овозможува на микро и малите компании поголем простор за раст без дополнителни административни и даночни обврски“, наведува Миноски.

Еден од клучните проблеми, според него, е ограничениот пристап до финансии. Во услови кога нема системска поддршка за стартапи и мали бизниси, подигнувањето на прагот за ДДВ би значело намален притисок за користење краткорочни кредити, поголема ликвидност и можност за акумулација на капитал пред влез во покомплексен даночен режим. Особено, бидејќи ДДВ се плаќа и за ненаплатени фактури.

Миноски истакнува дека ослободените средства би можеле да се инвестираат во развој, иновативни производи и повисоки плати, што директно би придонело за зголемена вработеност и посилна економија.

Во однос на прашањето дали државата би изгубила приходи, тој смета дека ефектот би бил спротивен. Преку раст на платите, инвестициите и потрошувачката, државата индиректно би наплатила повеќе даноци – преку социјални придонеси, персонален данок и зголемен промет. Дополнително, повисокиот праг би го намалил даночното затајување, вештачкото делење на фирми и прикривањето на промет.

„Со е-фактурите лесно ќе се детектираат неправилностите, а повисокиот праг ќе значи поголема доброволна усогласеност и помал притисок врз Управа за јавни приходи, наведува Миноски.

На крајот, тој порачува дека економските политики мора да се креираат со подобро разбирање на реалните предизвици на малиот бизнис.

„Претприемништвото е темел на економијата, а микро и малите компании заслужуваат континуирана поддршка ако сакаме посилен приватен сектор и повисок животен стандард“, заклучува поранешниот министер.

error: Содржината е заштитена од копирање !!