Кирил Миноски: Енергетиката е прашање на државна безбедност, Македонија нема контрола врз својата иднина
12/03/2026 17:07
Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски предупредува дека енергетиката мора да се третира како прашање на државна безбедност, особено во услови на глобални конфликти, политичка нестабилност и сè поизразени економски ризици.
Во својата анализа објавена на социјалните мрежи, Миноски посочува дека стабилноста на една држава зависи од три клучни столба, енергетска безбедност, сигурно производство на храна и соодветна фискална политика. Неговиот фокус е ставен на енергетскиот сектор, кој според него е меѓу најранливите точки на македонската економија.
Тој наведува дека Македонија има дефицит во трговијата со електрична енергија и дека домашното производство не ги покрива целосно потребите на државата. Според податоците што ги објавува, во 2024 година домашното производство покривало околу 89 проценти од потребите, додека остатокот се обезбедувал преку увоз.
Миноски предупредува и на континуиран пад на домашното производство на електрична енергија. Според неговата анализа, лани биле произведени 6.129 GWh, што е помалку во споредба со претходната година, но и значително пониско во однос на нивото од пред десет години.
Посебно се осврнува на термоцентралите, кои и натаму имаат голем удел во производството, но бележат сериозен пад. Истовремено, кај обновливите извори на енергија, според него, доминираат приватни субјекти, при што не секогаш е јасно кој стои зад сопственичката структура.
Токму тука, смета Миноски, се отвора сериозен простор за нетранспарентност, политичко влијание и корупција. Тој тврди дека најголемите корупциски случаи во државата се поврзани токму со енергетскиот сектор, особено во делот на увозот, производството и продажбата на електрична енергија и енергенси.
Во споредба со Македонија, Миноски наведува дека во голем дел од земјите на Европската унија критичната енергетска инфраструктура е под силна државна контрола. Како примери ги посочува Шведска и Норвешка, каде државни компании имаат значајна улога во производството и управувањето со електроенергетските системи.
Според него, европскиот модел покажува дека и на либерализиран пазар државата мора да остане силно присутна кога станува збор за енергетиката, со цел да се гарантира сигурност, стабилност и заштита на јавниот интерес.
Миноски оценува дека кај нас недостига долгорочна и одржлива енергетска стратегија, а државата не ги штити доволно сопствените ресурси како водата, ветерот и сонцето. Наместо системска политика, вели тој, преовладува пристап што ја прави државата ранлива во кризни периоди.
Неговата порака е дека енергетиката не е само економско прашање, туку и прашање на суверенитет, стабилност и доверба во институциите. Според Миноски, држава што нема контрола врз сопствениот енергетски систем, тешко може да има контрола и врз својата економска иднина.




