MKinformer

your daily dose of news

Македонија на хартија има раст на БДП, а во реалноста СИРОМАШТИЈА

09/12/2025 20:17

Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски во објава на социјалните мрежи алармира дека економскиот раст што официјално се прикажува преку БДП не значи и реално подобрување на животот на граѓаните.

Според Миноски, во јавноста често се зборува за раст на бруто-домашниот производ, но речиси никогаш не се анализира од каде доаѓа тој раст и каков квалитет има. Како што истакнува, не секој економски раст создава вистинска вредност, дел од него само ја подобрува статистиката, а не и реалноста.

Тој наведува дека актуелниот раст во Македонија се темели главно на зголемена потрошувачка, финансирана преку кредити за станови, автомобили и техника, повисоки плати во јавниот сектор и дознаки од странство. Дополнително, значаен удел има градежништвото, изградба на станови, патишта и инфраструктура, коe, според Миноски, само по себе може да додаде еден до два процента на економскиот раст. Трет столб е извозот од Технолошко-индустриските развојни зони, кој има висок обем, но ниска додадена вредност.

И покрај ваквиот раст, Миноски посочува дека граѓаните не го чувствуваат подобрувањето на економската состојба. Како главни причини ги наведува инфлацијата, која го зголемува номиналниот БДП без реален напредок, потпирањето на туѓи пари и кредити наместо на зголемено производство, како и градежниот бум кој ја „пумпа“ статистиката, но не остава долгорочни развојни ефекти.

„Имаме раст без развој, економија на згради и бетон, кредити и странски пари. Статистиката вели „раст“, а реалноста, стагнација“, оценува поранешниот министер.

Според него, вистинскиот и одржлив економски раст може да дојде само преку продуктивни инвестиции, зголемување на ефикасноста, извоз ориентиран кон иновации и создавање поквалитетни работни места. Токму таквиот раст, вели Миноски, е единствениот што може да го подигне животниот стандард и да донесе реално зголемување на платите и можностите за граѓаните.

error: Содржината е заштитена од копирање !!