Миноски: Безбедноста на храната е слаба алка на економијата
31/03/2026 13:51
Поранешниот министер за финансии Кирил Миноски на својот фејсбук профил објави детална анализа за состојбата со безбедноста на храната во Македонија, оценувајќи ја како една од најсериозните слабости на домашната економија. Според него, додека другите држави во регионот го зајакнуваат своето земјоделско производство, Македонија бележи системски пад и зголемена зависност од увоз.
Пад на производството: Македонија тоне, Србија и Полска растат
Миноски посочува дека индексот на земјоделско производство (со базна 2015 година) јасно ја отсликува алармантната слика. Додека во 2024 година Македонија паднала на 78 (пад од 22 проценти), Србија забележала раст на 123, а Полска на 145.
„Тоа значи дека додека ние губиме капацитет, другите држави значително го зголемуваат своето производство и конкурентност во делот на производството на храна“, истакнува тој.
1,8 милијарди евра субвенции, без резултати
И покрај тоа што во последната деценија државата издвоила околу 1,8 милијарди евра во форма на буџетски трансфери кон земјоделството, резултатите се, како што вели Миноски, поразителни.
Уделот на земјоделството во БДП се намалил од 10,2 отсто во 2015 година на околу 6,5 до 7 отсто во 2024 година. Дополнително, надворешно-трговскиот дефицит за храна континуирано расте, што според него е јасен сигнал дека домашното производство директно се заменува со увоз.
Структурни слабости и клиентелизам
Поранешниот министер идентификува низа структурни проблеми што ја довеле земјоделството во оваа состојба:
-
Необработено земјиште – и покрај значителниот потенцијал, голем дел од обработливите површини остануваат неискористени
-
Неефикасно користење – дел од доделеното земјиште се користи само формално, за исполнување услови за добивање субвенции
-
Концентрација на ресурси кај ограничен број субјекти, без транспарентен увид
-
Корупција и клиентелизам – најдобро илустрирани преку блокираните средства од ИПАРД програмата, што претставува изгубени инвестиции од околу 350 милиони евра
„Наместо развојна аграрна политика што дава резултати, добивме систем кој служи првенствено за распределба на буџетски средства, без реален ефект врз производството“, пишува Миноски.
Што е потребно за промена?
Миноски нагласува дека за зголемување на отпорноста на економијата се неопходни суштински реформи, меѓу кои:
-
Субвенции врз основа на реален принос и производство
-
Целосен и транспарентен регистар на земјиште
-
Дигитална контрола на користењето на средствата
-
Силни антикорупциски механизми
-
Одблокирање на ИПАРД и активирање на инвестициите
-
Развој на конкурентна прехранбена индустрија и сигурен пласман
„Цената на ваквите политики веќе ја чувствуваме, а ќе стане уште повисока во услови на кризи, кога растот на цените на храната директно го погодува животниот стандард“, предупредува тој.
Потсетувајќи на анализите на ЕБОР, според кои Македонија е меѓу најизложените економии на надворешни шокови, особено во делот на храната и енергијата, Миноски заклучува дека без итни реформи ќе продолжиме да се соочуваме со долготрајна инфлација и зголемена економска ранливост.



