Аналитичари предупредуваат: Строгиот закон за пушење може да го удри буџетот и да го зајакне црниот пазар
02/02/2026 15:35
Можно намалување на буџетските приходи, притисок врз легалната трговија и зголемен ризик од ширење на црниот пазар, вакви последици најавуваат економските аналитичари доколку Законот за заштита од пушење биде усвоен во својата актуелна, ригорозна форма. Клучното прашање, според експертите, е дали државата ќе може да го компензира евентуалниот пад на приходите од акцизи и ДДВ без дополнителен товар врз граѓаните.
Овие предупредувања доаѓаат во чувствителен фискален момент, кога буџетскиот дефицит за 2026 година е проектиран на 39,2 милијарди денари, односно 3,5 проценти од бруто-домашниот производ. Аналитичарите посочуваат дека дополнителен ризик претставува можноста за раст на нелегалната трговија, што би ја зголемило сивата економија, која веќе се проценува на околу 30 проценти од вкупната економска активност, со годишен обем поголем од 700 милиони евра.
Претседателот на Сојуз на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, апелира законските измени да не се носат избрзано. Тој потсетува на искуството од 2010 година, кога беше воведен сличен закон, по што, според одредени анализи, приходите од тутунската индустрија се намалиле за околу 10 проценти.
„Приходите од тутунската дејност се проценуваат на околу 250 милиони евра. Секое нагло и нефлексибилно решение може да предизвика сериозен удар врз буџетот преку намалени акцизи и ДДВ“, вели Ѓорѓиевски. Тој предлага пофлексибилен пристап, со јасна разлика меѓу класичните тутунски производи и алтернативните никотински производи без согорување и чад, како и воведување транзициски период за бизнисите.
Сличен став има и универзитетскиот професор Златко Арсов од Факултетот за земјоделски науки и храна, кој преку системот ЕНЕР доставил повеќе амандмани. Тој предлага производите да останат во промет до исцрпување на залихите и да се предвиди рок од најмалку 18 месеци за усогласување на угостителите и трговците.
Арсов нагласува дека тутунските производи се меѓу највисоко оданочените во земјата, при што акцизата и ДДВ-то сочинуваат околу 70 проценти од малопродажната цена. „На годишно ниво, во државниот буџет од тутунските производи влегуваат меѓу 400 и 450 милиони евра, што е значајна ставка за јавните финансии“, истакнува тој.
Со слични предупредувања претходно излегоа и Стопанска комора на Македонија и Групацијата на производители на цигари при Комората. Според нив, предложениот закон, доколку не се примени внимателно и фазно, може да има негативни ефекти врз малите и средните претпријатија и да придонесе за дополнително зајакнување на нелегалната трговија со тутунски производи.





