MKinformer

your daily dose of news

Обвинителството отвори предмет за наводен транспорт на човечки мозоци од Македонија во САД поврзан со случајот Епштајн

04/02/2026 13:03

Јавно обвинителство на Република С. Македонија оформи предмет по допрен глас, врз основа на повеќе медиумски објави и наводи поврзани со документите од случајот Џефри Епштајн, во кои се споменува дека примероци од мозоци на починати лица од земјава наводно биле транспортирани во Соединети Американски Држави за научно-истражувачки цели.

Од Обвинителството информираат дека, имајќи ја предвид сериозноста и чувствителноста на наводите – кои опфаќаат обработка, замрзнување и меѓународен транспорт на човечки ткива – предметот е оформен со цел да се испита дали постојат елементи на кривично дело што се гони по службена должност.

Во фокусот на проверките се евентуални пропусти или злоупотреби поврзани со законските и етичките стандарди за постапување со човечки ткива и биоматеријали, како и дали биле обезбедени соодветни дозволи и согласности за вакви активности.

Предметот е доставен на понатамошно постапување до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое треба да преземе дејствија за прибирање официјални информации од надлежните државни органи, институции и здравствени установи.

Целта на постапката е да се утврди дали имало нелегално постапување со човечки ткива и примероци, дали се прекршени домашните и меѓународните прописи, како и дали постојат индиции за организирана злоупотреба во оваа област.

Од Обвинителството нагласуваат дека станува збор за почетна фаза на постапката и дека јавноста ќе биде информирана доколку се утврдат конкретни факти и евентуална кривична одговорност.

error: Содржината е заштитена од копирање !!