MKinformer

your daily dose of news

Обвинителството отвори предмет за заканите кон новинарот Александар Видиновски

04/02/2026 13:46

Јавно обвинителство на Македонија оформи предмет по допрен глас за утврдување на идентитетот и евентуална кривична одговорност на повеќе лица кои преку коментари на социјалната мрежа „Facebook“ упатиле сериозни закани кон новинарот и уредник во Канал 5 Телевизија, Александар Видиновски.

Како што информираат од Обвинителството, заканувачките коментари биле објавени под видео прилог на Видиновски, во кој тој известува за непрописно паркирани дипломатски возила на тротоарот пред објектот на Амбасада на Република Бугарија во Скопје. Обвинителството ги обезбедило сите коментари под видеото, кои, според нив, содржат сериозни закани, говор на омраза, ксенофобични пораки и поттикнување национална нетрпеливост.

„Имајќи предвид дека станува збор за новинар и уредник кој врши дејност од јавен интерес и извршува професионални задачи, предметот е доставен на надлежно постапување до Основно јавно обвинителство Скопје, со цел да се преземат дејствија за испитување на индициите за постоење кривично дело што се гони по службена должност“, соопштуваат од Обвинителството.

За случајот реагираше и Здружение на новинарите на Македонија, кое остро ги осуди заканите и поднесе пријава до Министерство за внатрешни работи. Од ЗНМ оценуваат дека ваквите пораки претставуваат директна закана по безбедноста на новинарите и сериозно кршење на слободата на изразување.

„Пораките со навредлива, шовинистичка и омразувачка содржина, како и директните закани по живот, имаат за цел притисок и заплашување поради професионално известување за прашање од јавен интерес“, порачаа од ЗНМ.

Надлежните институции најавуваат дека истрагата ќе продолжи со цел целосно расветлување на случајот и утврдување одговорност.

error: Содржината е заштитена од копирање !!