АНБ распиша јавен оглас: Се вработуваат инженери со плата до 60.000 денари
06/02/2026 22:13
Агенција за национална безбедност распиша јавен оглас за вработување инженери, со или без претходно работно искуство. Огласот е втор по ред од формирањето на Агенцијата и, како што наведуваат од АНБ, претставува потврда за определбата за транспарентна, законска и отворена постапка при вработување кадри.
Платите за работните позиции се движат од 50.000 до 60.000 денари, во зависност од конкретната позиција и професионалното искуство на кандидатите. Од Агенцијата посочуваат дека сите заинтересирани кои ги исполнуваат условите имаат можност рамноправно да се пријават и да учествуваат во селекцискиот процес.
„Со овој јавен оглас, Агенцијата отвора можност за вклучување на стручни и мотивирани инженери кои сакаат да ја градат својата професионална кариера и да придонесат во заштитата на националната безбедност“, се наведува во соопштението на АНБ.
Деталните услови, критериумите за избор, рокот за пријавување и потребната документација се објавени на официјалната веб-страница на Агенцијата, во деловите „Транспарентност“ и „Кариера“. Од АНБ апелираат заинтересираните кандидати внимателно да ги прочитаат условите и навремено да ја достават потребната документација.





