MKinformer

your daily dose of news

МК Информер прашува: Прес-конференција на градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски

06/02/2026 0:48

На денешната прес-конференција на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, во фокусот на јавноста се најдоа повеќе клучни прашања.

Новинарот на МК Информер праша за објектот „Езерце“ во Градскиот парк, посочувајќи дека станува збор за култно место и обележје на Град Скопје и Градскиот парк, со историја подолга од шест децении. Беше поставено прашањето зошто објектот не бил адаптиран во детска игротека или зошто Градот не го презел под свое, наместо да биде целосно отстранет.

Градоначалникот Ѓорѓиевски одговори дека станува збор за незаконски објект и дека за него не постои никаква документација. Според него, не може да се преземе ништо што би значело амнестирање на нелегални градби, нагласувајќи дека Градскиот парк мора да остане отворен јавен простор, без комерцијални содржини како игротеки или угостителски објекти.

Во продолжение, новинарот на МК Информер посочи дека многу објекти и обележја во Скопје, како Камениот мост и Скопското кале, исто така немаат класична документација, при што градоначалникот најпрво одговори дека има документи, а потоа појасни дека станува збор за различен правен и историски контекст.

Дискусијата продолжи со прашања околу одговорноста за лошата финансиска состојба на јавните претпријатија, при што беше наведено дека дури и „Водовод и канализација“, како едно од најголемите претпријатија, е доведено во загубарска состојба.

Ѓорѓиевски истакна дека целата документација е доставена до надлежните институции и дека очекува разврска и одговорност во најскоро време, нагласувајќи дека граѓаните заслужуваат правда.

Во однос на јавниот превоз и најавената набавка на автобуси, градоначалникот појасни дека наместо првично најавените 80 автобуси, ќе бидат набавени 100 автобуси, согласно одлука донесена на Влада. Испораката, како што рече, нема да започне во март, туку најголемиот дел ќе пристигне до крајот на годината. Дополнително, најавени се и уште 30 автобуси преку проектот за БРТ.

На забелешките дека претходно било ветено започнување на испорака уште во март, Ѓорѓиевски изјави дека постапката пропаднала, но дека набавката е потврдена од Владата и ќе се реализира во текот на годината.

Прес-конференцијата заврши со уверување од страна на градоначалникот дека е отворен и транспарентен за сите прашања, без разлика на нивната содржина, и дека секоја тема заслужува јасен и директен одговор пред јавноста.

error: Содржината е заштитена од копирање !!