Трендафилов: Инфлацијата не е од платите, туку од алчноста
27/01/2026 9:16
Платите во Македонија лани не се зголемија, додека инфлацијата остана меѓу највисоките во регионот, што го прави неоснован аргументот дека растот на минималната плата ќе предизвика нов инфлаторен бран. Ова го оцени претседателот на Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, коментирајќи го барањето минималната плата да се зголеми на 600 евра.
Во интервју за емисијата 360 степени на Македонската телевизија, Трендафилов истакна дека Владата и работодавачите со години го користат истиот изговор, иако податоците го покажуваат спротивното.
„Минатата година платите не мрднаа, а инфлацијата беше една од највисоките во регионот. Во соседните земји платите се зголемија поради добра волја на владите, кои видоа дека работниците тешко живеат и тешко ги покриваат трошоците за живот“, изјави Трендафилов.
Според него, искуствата од регионот јасно покажуваат дека зголемувањето на платите не довело до дополнителен инфлаторен притисок, што отвора сериозно прашање за ценовната политика во земјава.
„Ако во државите од регионот нема инфлаторен притисок, тогаш значи дека газдите во Македонија се прилично алчни“, оцени претседателот на ССМ.
Трендафилов нагласи дека кај нас цените брзо растат кога поскапуваат суровините, горивата или транспортот, но речиси никогаш не се намалуваат кога тие поевтинуваат. Како пример ги наведе основните прехранбени производи, каде што зголемувањето на цените било оправдувано со берзански поскапувања, иако суровините биле набавени по значително пониски цени.
Коментирајќи го социјалниот дијалог, тој оцени дека Владата има несериозен пристап, а одговорноста неоправдано ја префрла врз синдикатите и работодавачите. Според него, Владата можела да покаже солидарност и преку дебата за функционерските плати.
„Зошто Владата не рече: ќе ги намалиме функционерските плати и ќе ја поделиме разликата со работниците и капиталот? Функционерските примања се од 100.000 до 180.000 денари“, праша Трендафилов.
Тој откри дека лани постоела конкретна понуда од работодавачите за минимална плата од 500 евра, доколку државата ги покрие придонесите. Со таков модел, според неговите пресметки, околу 200.000 работници со плати под 30.000 денари би добиле зголемување од околу 6.000 денари, а државата би инкасирала дополнителни 120 милиони евра годишно во фондовите.
Наместо тоа, вели тој, синдикатите биле маргинализирани, а нивната репрезентативност доведувана во прашање. Трендафилов заклучи дека главниот двигател на инфлацијата не се платите, туку високата јавна потрошувачка и недостигот од соодветни фискални и монетарни мерки.





