MKinformer

your daily dose of news

„Безбеден град“ регистрира речиси 5.000 сообраќајни прекршоци со брзо возење за една недела

09/02/2026 13:13

Во периодот од 2 до 8 февруари 2026 година, системот Безбеден град регистрирал вкупно 4.991 сообраќаен прекршок на подрачјата на градовите и долж коридорите каде се поставени камери, информираат надлежните институции.

Од вкупниот број прекршоци, 641 мерка се изречени за возачи кои управувале возила со странски регистарски ознаки. Најголем дел од прекршоците се однесуваат на пречекорување на дозволената брзина, при што се евидентирани 4.674 случаи. Следуваат 163 прекршоци за минување на црвено светло, како и 154 прекршоци за управување возило со истечена важност на сообраќајната дозвола.

Во истиот период биле изречени и 288 заштитни мерки „забрана за управување со возило“, од кои 163 поради минување на црвено светло, а 125 поради пребрзо возење.

Од надлежните појаснуваат дека во рамки на дозволеното законско отстапување на брзината, биле толерирани 22.434 возила, кои не биле санкционирани од системот.

Надлежните институции упатија апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел зголемување на безбедноста и намалување на сообраќајните незгоди на патиштата низ државата.

error: Содржината е заштитена од копирање !!