МВР потврди: Запленети над 40 тони марихуана и канабис масло
07/02/2026 22:36
Министерство за внатрешни работи ја информира јавноста дека е во тек опсежна и координирана акција во која е запленета огромна количина на марихуана и производи од канабис во повеќе правни лица низ државата.
Како што соопштуваат од МВР, во едно правно лице во Скопје биле пронајдени и одземени околу девет тони марихуана, како и над 1.300 шишиња произведено масло од канабис, полупроизвод. Дополнително, во повеќе правни лица од источниот регион, биле одземени над 31 тон марихуана и биомаса.
Акцијата се реализира во координација со Царинска управа и надлежната Комисија за контрола од Министерство за здравство, при што биле извршени контроли во правни субјекти чија регистрирана дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија, како и растенија со примена во фармацијата.
Во координација со јавен обвинител од Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, се преземаат мерки за утврдување дали неодамна запленетата марихуана во Србија потекнува од Република Северна Македонија.
Од МВР информираат дека едно од осомничените и приведени лица во Србија е дел од сопственичката структура на правното лице во Скопје, поради што биле извршени детални проверки на затекнатите количини и целокупната документација. Надлежната комисија од Министерството за здравство констатирала сериозни неправилности и голема неусогласеност меѓу пријавените и реално поседуваните, произведени и отуѓени количини, по што целата пронајдена марихуана била одземена.
Слични неправилности биле утврдени и во правни лица во источниот регион, по што и таму била одземена целата затекната количина.
„Министерството за внатрешни работи, во координација со ОЈО ГОКК, каде што е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува со активности за целосно расчистување на случаите“, информираат од МВР.
По завршување на акцијата и комплетирање на истражната постапка, институциите најавуваат дека јавноста ќе биде детално информирана за сите утврдени факти и преземени мерки.

![Втop cocтaнoк на работната група за кaнaбиc, дeфиниpaни пoимитe дeкpиминaлизaциja, лeгaлизaциja и дeпeнaлизaциja kanabis-biznis[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/kanabis-biznis1.jpg)


