MKinformer

your daily dose of news

Заплената расте, пронајдени нови количини, вкупно 40 тони марихуана

06/02/2026 21:18

Количината на запленета марихуана во најновата полициско-обвинителска акција достигна околу 40 тони, што ја прави најголема заплена на наркотична дрога во историјата на државата, дознава Телма од извори блиски до истрагата.

Според информациите, околу 10 тони марихуана се пронајдени во Скопје, додека дополнителни 30 тони биле запленети во Струмица и околината. Првичните податоци за 27 тони, со кои вчера излегоа истражните органи, биле дополнети по нови претреси на објекти поврзани со истиот случај.

Истрагата укажува дека марихуаната, иако формално пријавена како медицински канабис, била произведувана, складирана и чувана на начин што не одговара на законските стандарди за медицинска употреба, туку била подготвена за нелегален транспорт и дистрибуција на црниот пазар.

Случајот е директно поврзан со претходната заплена на пет тони марихуана во Србија, за која српските власти соопштија дека потекнува од Македонија. Во фокусот на истрагата е компанијата Алфафарм ДОО од Скопје, чиј ко-сопственик, српскиот државјанин Иван Драгниќ, е приведен.

Од објект лоциран во кругот на поранешната фабрика ОХИС во Скопје, според истрагата, со комбиња и камиони биле изнесени околу 10 тони марихуана. Останатите количини биле откриени во фирми во струмичкиот регион, поврзани со истата компанија.

Истрагата ја води Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое треба да утврди кои лица и структури биле инволвирани и каква била крајната намена на дрогата.

Премиерот Христијан Мицкоски претходно изјави дека медицинската марихуана во овој случај незаконски била пуштана во промет и складирана спротивно на законските прописи.

Компанијата „Алфафарм“ е основана во 2023 година, а лиценцата за одгледување медицински канабис ја добила во 2024 година. Од Министерство за здравство појаснуваат дека лиценцираните компании имаат обврска за редовно известување, додека сите активности надвор од дозволените процедури се предмет на постапување од Министерство за внатрешни работи.

Дополнителни информации се очекуваат по завршување на истражните дејствија.

error: Содржината е заштитена од копирање !!