MKinformer

your daily dose of news

Јакимовски: Салата е проект од 2017, што „откочи“ Мицкоски?

12/02/2026 23:26

Претседателот на ГРОМ и поранешен градоначалник на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, остро реагира на, како што вели, „неточните и манипулативни изјави“ поврзани со повеќенаменската спортска сала „Димо Хаџи Димов“.

Јакимовски потенцира дека проектот за салата со капацитет од 400 гледачи е изработен уште во 2017 година, во време на неговиот мандат, и дека постапката за негова реализација била институционално и законски спроведена.

„Проектот ниту бил заглавен, ниту некој го одглавувал. Јавната набавка беше успешно спроведена во октомври и беше избран економски оператор“, посочува Јакимовски.

Тој нагласува дека до 13 февруари 2026 година се навршуваат точно 90 дена откако во Карпош е поставен нов градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, прашувајќи зошто во тој период проектот не бил придвижен.

Според него, наместо реализација, јавноста е сведок на обид за политичко присвојување на туѓи заслуги.

„Ако проектот бил закочен, нека одговорат, во што точно бил закочен и што конкретно тие откочиле?“, прашува Јакимовски, алудирајќи на изјавите на Христијан Мицкоски.

Во реакцијата, тој отвора и друго прашање, зошто градинката „Мајски цвет“ во Тафталиџе 1, која според него е завршена веќе 45 дена, сè уште не е пуштена во употреба.

„Кога веќе зборуваат за откочување, нека ја откочат градинката. Објектот е готов, а децата сè уште чекаат“, потенцира Јакимовски.

Тој потсетува и дека советниците од ВМРО-ДПМНЕ во Советот на Општина Карпош претходно не го поддржале истиот проект, што, според него, дополнително ја доведува во прашање сегашната реторика за „поддршка“.

Во однос на наводните заслуги на пратеник, Јакимовски со иронија забележува дека придонесот е „приближно колку оној на неговиот шестмесечен внук“, алудирајќи дека станува збор за политичка конструкција без реална основа.

Со оваа реакција, лидерот на ГРОМ испраќа порака дека граѓаните заслужуваат точни информации, транспарентност и почитување на фактите, а не, како што вели, „креирање политички митови на туѓ грб“.

error: Содржината е заштитена од копирање !!