Владата усвои измени на Законот за градење: Подземната инфраструктура конечно во Катастар
17/02/2026 19:25
Влада на Република С. Македонија ги усвои измените на Законот за градење и Законот за градежно земјиште, на предлог на Министерство за транспорт.
Со измените на Законот за градежно земјиште се воведува ред во линиската подземна инфраструктура – оптички кабли, телекомуникациски мрежи, водоводни и канализациони системи, гасоводи и нафтоводи. За прв пат ќе се овозможи нивно впишување во евиденцијата во Катастарот на инфраструктурни градби при Агенција на катастарот за недвижности.
Целта е да се обезбеди јасен увид во целокупната линиска инфраструктура во државата, што ќе овозможи поефикасно и рационално планирање на нови инфраструктурни проекти.
Поголеми овластувања за општините
Со измените се предвидува и општините да можат да располагаат со градежното земјиште предвидено со урбанистички план за Технолошко-индустриски зони. Ова, според образложението, треба да придонесе за поттикнување на локалниот економски развој и олеснување на инвестициските процеси за домашните компании.
Дополнително, се врши усогласување на Законот за градежно земјиште со Законот за урбанистичко планирање.
Подобрување на телекомуникациската инфраструктура
Во однос на Законот за градење, измените предвидуваат подобрување на условите за регулирање на имотно-правниот статус на базните станици на телекомуникациските компании. Целта е обезбедување поквалитетни и поефикасни телекомуникациски услуги за граѓаните.
Истовремено, се подигнува нивото на квалитет на техничкиот преглед на градбите од прва категорија, преку зголемување на критериумите за формирање Комисија за технички преглед и професионализација на процесот.
Со овие измени, Владата најавува системско уредување на инфраструктурното планирање и подобрување на регулаторната рамка во градежниот сектор.






