MKinformer

your daily dose of news

Почна изградбата на подземната улица под „Лимак“: Ѓорѓиевски најавува 30% помала гужва за 90 дена

01/02/2026 15:33

апочна проширувањето и реконструкцијата на улиците за влез во подземната сообраќајница под комплексот „Лимак“ од страната на Кисела Вода, што претставува почеток на првата фаза од изградбата на булеварот Македонија и ставање во функција на подземната улица.

Како што информираше градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, ова е прва од вкупно четири фази и воедно наједноставната, бидејќи опфаќа проширување и реконструкција на асфалтот на постојните улици.

Проектот ги опфаќа Булевар Борис Трајковски кај Рампа, улицата 11 Октомври, улицата Пролет и крак од булеварот Македонија. Во рамки на оваа етапа се предвидува проширување на улицата Пролет во правец од Тутунскиот комбинат до полициската станица Пролет, со дополнителна коловозна лента.

Раскрсницата на овој потег, од безбедносни причини, ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три острови во форма на солза. Дополнително, на потегот од улицата Пролет кон „Лимак“, како и од „Лимак“ кон булеварот Борис Трајковски, ќе биде воведен еднонасочен сообраќај.

„Првата фаза ќе биде завршена за 90 дена. Веќе наредната недела ќе распишеме тендер за втората фаза, изградба на два кружни текови меѓу булеварот Кочо Рацин и улицата Јордан Мијалков. Очекувам целиот капитален проект да заврши до крајот на мојот мандат и со тоа сообраќајниот метеж во Скопје да се намали за околу 30 проценти“, изјави Ѓорѓиевски.

Вредноста на првата фаза изнесува 77 милиони денари, односно околу 1,2 милиони евра, а градежните работи ќе ги изведува фирмата Ленди груп.

Подземната сообраќајница, која се гради од турскиот инвеститор Лимак, ќе има шест ленти, четири за двосмерен сообраќај, две за јавен превоз, како и пешачки патеки. Иако подземната улица се очекува да биде целосно завршена идната година, од „Лимак“ предупредуваат дека без изградба на приклучоците од страна на Град Скопје, таа нема да може да биде ставена во употреба.

Проектот за јужниот булевар под земја беше договорен уште во 2012 година, но со години беше одложуван поради административни и политички застои. Актуелните активности се сметаат за прв сериозен чекор кон конечно решавање на еден од најголемите сообраќајни јазли во градот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!