Одрон кај Сопот го стесни сообраќајот на автопатот Скопје-Велес
18/02/2026 23:19
Сообраќајот на автопатот Скопје-Велес, на околу два километра пред наплатната станица Сопот, од 21:00 часот се одвива по една коловозна лента поради поголем одрон, информира ЈП Македонија пат.
Според информациите, станува збор за одрон во должина од околу 80 метри, кој ја зафатил делницата и условил пренасочување на сообраќајот во една лента.
Од надлежното претпријатие апелираат до возачите да бидат особено внимателни, да ја прилагодат брзината на движење и да ја почитуваат поставената сигнализација на овој фреквентен патен правец.
Се очекува дополнителни информации за расчистување на одронот и целосна нормализација на сообраќајот во текот на наредните часови.




