Како камион полн со дрога ја поминал границата? Обвинители од Србија и Македонија на состанок за шверцот на марихуаната
21/02/2026 11:36
Обвинители од Јавно обвинителство за организиран криминал (ЈТОК) од Србија одржале состанок во Белград со претставници на обвинителството и полицијата од Македонија, со цел координација на понатамошните чекори во истрагата за заплената на голема количина марихуана во Коњух.
Според информациите објавени од српскиот портал Nova.rs, досега во рамки на случајот се уапсени вкупно 10 лица, а запленети се повеќе од 40 тони дрога. Истрагата треба да утврди кој, кога и на кој начин ја транспортирал нелегалната пратка преку државните граници.
Кривични пријави и меѓународна соработка
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека во Македонија се поднесени кривични пријави против 10 лица поврзани со марихуаната запленета во Србија.
Од српското обвинителство потврдија дека истрагата е во тек и дека се работи за меѓународен случај, поради што постои тесна соработка меѓу двете држави. Договорено е секое обвинителство да постапува во рамките на својата територијална надлежност, додека доказите ќе се разменуваат преку механизми на меѓународна правна помош.
Заплени во магацин во Коњух
Заплената на околу 5 тони марихуана во Коњух е спроведена под надзор на српското обвинителство. Во Србија се приведени пет лица осомничени за шверц, кои биле пронајдени во магацин на компанијата „Флораком“, чиј сопственик е Раде Спасојевиќ.
Меѓу приведените се и неговиот син Небојша Спасојевиќ, како и работник затекнат во магацинот. Уапсен е и Иван Драгниќ, ко-сопственик на компанијата „Алфафарм“ од Македонија, која легално се занимавала со производство на марихуана, но е предмет на истрага за можен нелегален извоз.
Компанијата „Алфафарм“ е во фокусот и на истражните органи во Македонија.
Оружје и дополнителни вештачења
Меѓу осомничените е и Урош Младеновски, кој бил приведен во Белград со околу 100 килограми марихуана, за која се претпоставува дека потекнува од складиште во Коњух.
При акцијата се запленети и три автоматски пушки, како и рачен ракетен фрлач „зоља“. Наложено е вештачење на оружјето, а по завршувањето на оваа фаза ќе следуваат дополнителни сослушувања и испрашување сведоци.
Истрагата вклучува и анализа на граничните преминувања и движењето на осомничените лица.
Се чекаат информации од Македонија
Според неофицијални информации, српските власти очекуваат од македонските институции дополнителни податоци за работењето на „Алфафарм“ и за лицата поврзани со компанијата, со цел целосно расветлување на случајот.





