MKinformer

your daily dose of news

Полицијата заплени 27 тони дрога во Скопје и Струмица

05/02/2026 23:46

Голема полициска акција за заплена на марихуана е во тек во Скопје и во струмичкиот регион, при што, според неофицијални информации, досега се одземени околу 27 тони дрога. Акцијата ја спроведува Министерство за внатрешни работи по насоки на Обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и, според првичните проценки, станува збор за најголема заплена на дрога во историјата на земјава.

Според достапните информации, речиси 10 тони марихуана биле складирани во кругот на фирма поврзана со истрагата во Скопје, додека паралелна акција се одвива и надвор од главниот град, каде што се одземаат дополнителни количини дрога. Истражните дејствија се спроведуваат истовремено на повеќе локации.

Во фокусот на истражните органи е компанијата Алфафарм ДОО, основана во 2023 година, регистрирана за одгледување и преработка на лековити и ароматични растенија за фармацевтска употреба. Според податоците од Централниот регистар, компанијата располага со акционерски капитал од околу 529 илјади евра, а сопственичката структура била менувана непосредно пред откривањето на пратка со марихуана во Србија.

Засилено полициско и обвинителско присуство е забележано во кругот на поранешниот индустриски комплекс ОХИС, каде што се наоѓа седиштето на компанијата. На терен се присутни и медицински екипи, додека увидот и пребројувањето на одземената дрога сè уште трае.

Акцијата доаѓа само неколку дена по случајот во Србија, каде што беа откриени околу пет тони марихуана наменети за тамошниот пазар, пронајдени во магацин во близина на Крушевац. Според официјалните информации од српските власти, за шверцот се осомничени пет лица, од кои две сè уште не се достапни за органите на прогонот.

Се очекува македонските институции да соопштат повеќе детали по завршување на истражната постапка и по официјалното потврдување на количината и потеклото на запленетата марихуана.

error: Содржината е заштитена од копирање !!