Нетанјаху тврди дека има „знаци“ оти Хаменеи не е жив, Техеран демантира: Врховниот лидер е безбеден
28/02/2026 22:01
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во обраќање до иранскиот народ изјави дека постојат „многу знаци“ кои укажуваат дека врховниот лидер на Иран, Али Хаменеи, повеќе не е жив, но за ваквото тврдење не презентираше конкретни докази.
Нетанјаху ги повика граѓаните на Иран масовно да излезат на улиците, оценувајќи дека имаат „прилика каква што се случува еднаш во генерација“ да го соборат актуелниот режим.
„Излезете масовно на улиците и завршете ја работата. Време е да се обедините во историска мисија“, порача израелскиот премиер, додавајќи дека израелските воени операции ќе им помогнат да се „ослободат од тиранијата“.
Операцијата ќе трае „колку што е потребно“
Нетанјаху најави дека израелската операција ќе продолжи онолку долго колку што е потребно, повикувајќи на трпение и оценувајќи дека актуелната војна на крај ќе резултира со „вистински мир“.
Од друга страна, иранското Министерство за надворешни работи ги отфрли ваквите тврдења, соопштувајќи дека и врховниот лидер и претседателот се живи и безбедни, по информациите за напад врз комплекс во Техеран.
„Сите се безбедни и неповредени“, изјави портпаролот на Министерството, додавајќи дека дел од иранските команданти загинале во нападите, но дека вооружените сили преземаат неопходни мерки за одбрана на земјата.
Претходно, иранскиот министер за надворешни работи во изјава за американската телевизиска мрежа NBC News нагласи дека, според неговите информации, Хаменеи е жив.
Ситуацијата останува тензична, а меѓусебните обвинувања дополнително ја продлабочуваат кризата на Блискиот Исток.






