Извршителите „собрале“ 137 милиони евра во 2025 година од граѓани, фирми и институции
03/03/2026 10:11
Во 2025 година извршителите присилно наплатиле рекордни 50.866.174 евра од граѓаните, што е највисок износ досега и првпат ја надминува границата од 50 милиони евра. Ова го покажува извештајот за работата на извршителите, објавен од Комора на извршители на Република Северна Македонија.
Најголем дел од средствата и натаму се наплатени од компаниите – 63.466.121 евра, додека од државата се инкасирани 24.802.218 евра. Во споредба со 2024 година, наплатата од граѓаните е зголемена за речиси четири милиони евра, додека кај компаниите и државата е забележан пад.
Компаниите и најголеми должници и најголеми доверители
Фирмите не се само најголеми должници, туку и најголеми доверители. Во текот на 2025 година компаниите преку извршители наплатиле повеќе од 105 милиони евра. Граѓаните како доверители наплатиле над 31 милион евра, а државата во оваа улога наплатила нешто помалку од 2,5 милиони евра.
Податоците покажуваат дека од воведувањето на извршителскиот систем до крајот на 2025 година, присилно се наплатени вкупно 2.220.801.014 евра.
Скопје води по наплата
Географски, најголем дел од наплатата во 2025 година е реализиран на подрачјето на Скопје – речиси 70 милиони евра. Следуваат подрачјата на Основен суд Битола и Основен суд Ресен со околу 10,7 милиони евра, како и судовите во Велес, Гевгелија, Кавадарци и Неготино со околу 9,8 милиони евра.
Во текот на годината биле поднесени 160.971 барања за присилна наплата од страна на компании, од кои 10.257 се од банки, а 45.219 од комунални претпријатија.
Во меѓувреме, повторно се актуелизираат најавените законски измени за дигитализација и зголемување на ефикасноста на извршната постапка. Синдикатите, пак, бараат намалување на трошоците што ги плаќаат должниците, укажувајќи на зголемениот финансиски товар врз граѓаните.






