MKinformer

your daily dose of news

Цените на становите во Куманово скокнаа за 24%, Центар со рекордни 232.722 денари по м²

19/02/2026 19:10

Во втората половина од 2025 година најголем пораст на цените на продадени станови, споредено со истиот период лани, е регистриран во Куманово 24%, покажува најновиот извештај на Агенција за катастар на недвижности.

Значителен раст има и во Тетово со 22 проценти, додека во скопските општини Карпош, Кисела Вода и Гази Баба е забележан пораст од по 16 проценти. Во Центар цените пораснале за 14 проценти, додека единствен пад е регистриран во Гостивар, 2%.

Според анализата на постигнатата продажна цена по метар квадратен, најнизок минимум во второто полугодие од 2025 година е забележан во Чаир 19.543 денари по м², а највисок максимум во Центар 232.722 денари по м².

Најмногу продажби во Аеродром и Центар

Во периодот од јули до декември 2025 година, најмногу продажби на станови има во Аеродром 240, потоа Чаир 188, Центар 186 и Карпош 171.

Највисока вкупна вредност од продажба на станови е остварена во Центар 1.379.518 илјади денари, следуваат Аеродром со 1.347.308 илјади денари и Карпош со 1.088.279 илјади денари.

Највисока просечна цена по метар квадратен е постигната во Центар 104,3 илјади денари, потоа Карпош 99,6 илјади денари, Аеродром 88,9 илјади денари, Кисела Вода 83,2 илјади денари и Охрид 78,1 илјада денари.

Центар води и по вкупна вредност

Според извештајот, највисока вкупна вредност на реализирани купопродажби во второто шестмесечје од 2025 година има во Центар 82,8 милиони евра, потоа Аеродром 59,1 милиони евра и Карпош 57 милиони евра. Најниска вредност е регистрирана во Велес 5,6 милиони евра.

Пораст на трансакции на пазарот

Во однос на обемот на купопродажби, најголем раст има во Штип 46 % и Гостивар 43 %, додека најголем пад е забележан во Велес 30 %.

Најмногу купопродажби се реализирани во Аеродром 757, следуваат Центар 636 и Гази Баба 586, а најмалку во Бутел 203.

Во споредба со истиот период лани, бројот на продадени станови најмногу се зголемил во Гостивар 93 %, Штип 23 %, Прилеп 15 % и Тетово 13 %. Пад има во Струмица 20 % и Битола 19 %.

Од 1 јули до 31 декември 2025 година во Регистарот на цени и закупнини се регистрирани вкупно 17.603 трансакции. Во споредба со првото полугодие од 2025 година, бројот на трансакции е зголемен за 11,6 проценти, а во однос на второто полугодие од 2024 година има раст од 6,4 проценти.

Од Катастарот оценуваат дека зголемениот обем на трансакции може да се поврзе со подобрени услови за финансирање и зголемена доверба во пазарот на недвижности.

One thought on “Цените на становите во Куманово скокнаа за 24%, Центар со рекордни 232.722 денари по м²

Comments are closed.

error: Содржината е заштитена од копирање !!