MKinformer

your daily dose of news

Скандал на ГАК: Бебе починало по 20-минутна неуспешна реинтубација, институциите два месеци молчеле

16/12/2025 21:05

Новороденче кое имало реална шанса за живот починало на 1 октомври годинава на одделот за интензивна нега на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје, а на семејството смртта му била претставена како неизбежна. Но, интерни документи до кои дојде „Слободен печат“ покажуваат сериозни сомнежи за несоодветно лекување, тешки пропусти и институционално прикривање на случајот.

Според официјална пријава поднесена внатре во болницата, началничката на одделот за интензивна нега, прим. д-р Елизабета Петковска, ја пријавила педијатарката д-р Емилија Бадева за несоодветна реинтубација која траела дури 20 минути, при што биле предизвикани сериозни повреди и компликации кои довеле до смрт на бебето.

Во пријавата се наведува дека при повеќекратните неуспешни обиди за реинтубација било распарчено грлото на новороденчето, по што се развиле супкутан емфизем и масивен пнеумоторакс. И покрај интервенцијата на детски хирурзи, бебето починало.

Особено загрижува фактот што директорката на ГАК, д-р Ирена Алексиовска Папестиев, иако ја примила пријавата на 13 октомври, речиси два месеци не ги известила Министерството за здравство, Државниот здравствен и санитарен инспекторат ниту Јавното обвинителство за случај во кој постои сомнеж за лекарска грешка со смртни последици.

Дополнително, на родителите им биле издадени документи со неточни податоци, во кои како причина за смртта било наведено „спонтано настанување на пнеумоторакс“, без да се евидентираат повеќекратните обиди за реинтубација и настанатите повреди.

Изјавите на две специјализантки кои биле присутни при интервенцијата директно ја потврдуваат верзијата на началничката дека постапката траела околу 20 минути и дека биле игнорирани предупредувањата да се прекине со обидите.

Случајот бил разгледуван и од внатрешната Комисија за квалитет, која, меѓу другото, во записник навела дека постојат и сериозни сомнежи за алкохолизираност на докторката, но без законска можност за тестирање, овие наводи останале само на хартија.

И покрај сите овие сознанија, од ГАК официјално тврдат дека „не се констатирани неправилности“, што отвора сериозни прашања за транспарентноста, одговорноста и начинот на кој институциите постапуваат кога станува збор за животот на најранливите, новороденчињата.

Обдукцискиот наод сè уште не е готов, а јавноста останува со горчливото чувство дека системот повторно ги штити институциите, наместо вистината и семејството кое го изгуби своето дете.

error: Содржината е заштитена од копирање !!