MKinformer

your daily dose of news

Нема повеќе паркирање на две паркинг места за исти пари

05/03/2026 11:15

Граѓаните кои на јавните паркинзи во Битола не се прецизни при паркирањето и зафаќаат две паркинг места, отсега ќе се соочат со казни и дополнителни трошоци. ЈП „Паркинзи“ најави дека повеќе нема да се толерира непрописно паркирање, ниту пак ќе се прифаќаат оправдувања дека паркинг местата не биле јасно обележани.

Од претпријатието информираат дека е започнато пролетното обележување на паркинг местата низ градот. Работите веќе се изведуваат на повеќе локации, меѓу кои и на паркингот кај Градскиот саат.

Според новите правила, возилата кои нема да бидат паркирани во рамките на обележаното место, односно ќе зафаќаат две паркинг места или дел од друго место, ќе бидат блокирани со механичко средство на предното лево тркало.

Цената за ваквото непрописно паркирање ќе биде еднаква на цената за поставување блокатор, зголемена за времетраењето на услугата.

Од ЈП „Паркинзи“ потенцираат дека мерката се воведува во интерес на граѓаните и со цел да се стави крај на несовесното однесување на возачите кои зафаќаат повеќе места.

Предлогот на претпријатието веќе бил усвоен од советниците на последната седница, на која истовремено беа донесени и одлуки за зголемување на цените на услугите.

Нови цени за паркирање

Веќе еден месец во Битола важат нови цени за паркирање на јавните паркинзи:

  • Зона А – 50 денари за час

  • Зона Б – 30 денари за час

  • Зона Ц – 20 денари за час

  • Зона Х (икс) – 20 денари за час

Во овие зони возилото може да се остави и цел ден, при што се пресметува вкупната цена за престојот.

Исклучок е Зона Д, во близина на болницата, каде паркирањето изнесува 30 денари за цел ден.

Обележувањето на паркинг местата е редовна активност на јавното претпријатие и има за цел подобра организација на сообраќајот и поефикасно користење на паркинг просторот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!