MKinformer

your daily dose of news

Мнозинството во ЕУ нема да поддржи „брза интеграција“ на Украина, Македонија и земјите од Западен Балкан

09/03/2026 11:36

Амбасадорите на земјите членки на Европска Унија го отфрлија предлогот за т.н. „обратно проширување“, модел што го разгледуваше Европска комисија, а кој предвидуваше земјите кандидатки прво формално да станат членки, а потоа постепено да ги исполнуваат условите за целосна интеграција.

Според извештаи на медиуми, ваквиот став бил изнесен на состанок на амбасадорите во Брисел, каде што му било порачано на Бјорн Зајберт, шеф на кабинетот на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, дека земјите членки нема да го прифатат контроверзниот модел.

Овој предлог, познат како „прво членство, а потоа интеграција“, беше разгледуван како начин за забрзување на членството на Украина во ЕУ, со можност таа да се приклучи до 2027 година.

Но, значителен број дипломати од земјите членки оцениле дека ваквиот пристап создава „лажни надежи“ и отстапува од принципите врз кои се базира политиката на проширување.

„Готово е. Обратното проширување не води никаде“, изјавиле дипломати за медиумите, додавајќи дека Европската комисија ќе мора повторно да ја преиспита оваа идеја.

Повторно во фокус Копенхашките критериуми

Во меѓувреме, нацрт-заклучоците за самитот на Европскиот совет закажан за 19 март упатуваат на враќање кон традиционалниот модел на проширување, заснован на Копенхашки критериуми.

Според првичните предлози, лидерите на ЕУ ќе ја потврдат политиката на пристапување базирана на заслуги, односно на исполнување на јасно дефинираните политички, правни и економски стандарди.

Во дискусиите се споменува и потребата од исклучување на билатералните спорови од процесот на пристапување, што долго време претставува проблем за земјите од Западен Балкан.

Три можни сценарија за иднината на проширувањето

И покрај отфрлањето на „обратното проширување“, Европската комисија сè уште разгледува неколку можни модели за иднината на политиката на проширување.

Првата опција предвидува задржување на сегашниот систем, при што Албанија и Црна Гора би можеле да станат членки пред крајот на политичкиот мандат на ЕУ во 2029 година.

Втората опција е таканаречената „постепена интеграција“, која би им овозможила на земјите кандидатки да учествуваат во одредени политики и програми на Унијата пред формалното членство.

Третата, најрадикална опција, е „фазна интеграција“, модел што го промовира европската комесарка за проширување Марта Кос. Според ова сценарио, земјите би можеле побрзо да добијат формален статус на членки, а реформите би ги завршувале во подоцнежна фаза.

Сепак, дипломати предупредуваат дека со растот на евроскептичните и суверенистички движења во Европа, ваквите модели би можеле дополнително да ја усложнат ратификацијата на идните проширувања.

error: Содржината е заштитена од копирање !!