MKinformer

your daily dose of news

Почина актерот Кирил Поп Христов – Кили

12/03/2026 9:07

На 58-годишна возраст во Еквадор почина македонскиот актер Кирил Поп Христов – Кили, потврдиле блиски лица до семејството.

Поп Христов од 2014 година живеел во Еквадор, а иако често доаѓал во Скопје, во последната година и половина престојувал таму.

Веста за неговата смрт на семејството во Скопје им ја соопштила неговата сопруга, кореографката Гордана Деан Поп-Христова.

Кирил Поп Христов е роден на 30 јули 1967 година во Скопје. Дипломирал на Факултетот за драмски уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на отсекот за актерска игра, во класата на професорот Љубиша Георгиевски, во 1989 година.

Во својата богата кариера, од 1993 до 2014 година беше дел од ансамблот на Македонскиот народен театар, каде остави значаен белег со бројни улоги.

Публиката ќе го памети по настапите во филмовите „Панкот не е мртов“, „Бал-кан-кан“ и „Тетовирање“, како и по улогите во театарските претстави „Ослободување на Скопје“, „Ревизор“, „Народен пратеник“ и многу други.

Со заминувањето на Кирил Поп Христов – Кили, македонската културна сцена загуби препознатливо актерско име кое со децении беше дел од театарот и филмот.

error: Содржината е заштитена од копирање !!