MKinformer

your daily dose of news

Ревизијата во Градежен инспекторат поразителна: Инспектори нема, ама битно да има В.Д. директор

12/03/2026 21:25

Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам со години се соочува со сериозни кадровски и управувачки слабости, се наведува во извештајот на Државниот завод за ревизија за 2024 година.

Според ревизорите, институцијата дури осум години функционира со вршител на должност директор, иако законските одредби предвидуваат оваа функција да може да се извршува најмногу шест месеци. Ваквата состојба, според извештајот, отвора ризик од неефикасно управување со институцијата.

Во извештајот се посочува дека последниот редовен директор се пензионирал на крајот на 2025 година, по што Владата продолжила да именува в.д. директори со решенија на периоди подолги од законски дозволените.

Тројца инпектори за градежништво, двајца за урбанизам за цела држава

Ревизијата утврдила сериозни проблеми и во делот на инспекцискиот кадар. Иако во систематизацијата се предвидени 19 работни места за инспектори, во текот на 2024 година инспекциски надзор вршеле само петмина инспектори, од кои тројца во областа на градежништвото и двајца во урбанизмот.

Дополнително, едно работно место за градежен инспектор од август 2024 година било ставено во мирување. Во периодот кога била спроведена ревизијата, надзорот во градежништвото го вршел само еден инспектор, кој до крајот на 2025 година стекнал услови за старосна пензија.

Со неговото заминување, предупредуваат ревизорите, инспекторатот би можел да остане без ниту еден градежен инспектор, што би значело целосна неможност за вршење инспекциски надзор во оваа област.

Извештајот укажува и на несоодветна организација на надзорот во делот на урбанизмот, како и на тоа дека не биле доставувани задолжителните шестмесечни извештаи за постапување по претставки и предлози од граѓаните.

Откриени неправилности во една третина од предметите

При контрола на 17 предмети за спроведен инспекциски надзор, ревизорите утврдиле неправилности во шест случаи поврзани со бесправна градба. Од нив, општините постапиле само по четири, додека еден предмет бил проследен до Министерството за внатрешни работи поради непреземени мерки од страна на овластен градежен инспектор.

Покрај кадровските и организациските слабости, ревизијата нотирала и недостатоци во пописот на средствата и нивните извори, како и проблеми во пресметката и исплатата на платите во институцијата.

Извештајот отвора сериозни прашања за капацитетот на Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам да ја извршува својата основна функција, особено во делот на контролата на бесправното градење и спроведувањето на законите.

error: Содржината е заштитена од копирање !!