MKinformer

your daily dose of news

Охрид SOS бара итно воспоставување санитарно-заштитни зони околу Билјанини извори

23/03/2026 11:43


Граѓанската иницијатива Охрид SOS денес поднесе иницијатива до Министерството за животна средина и просторно планирање и до Министерството за здравство, со барање за итно воспоставување санитарно-заштитни зони околу Билјанини извори.

Од Охрид SOS посочуваат дека ова прашање не е само формално-правно, туку директно поврзано со заштитата на водните ресурси, здравјето на граѓаните и зачувувањето на животната средина. Тие предупредуваат дека отсуството на вакви заштитни зони носи реален ризик, особено во чувствителен простор каков што е подрачјето околу Билјанини извори.

Според иницијативата, Билјанини извори не се само препознатлив симбол на Охрид, туку и значаен воден ресурс во регион со исклучителна природна вредност. Подрачјето се наоѓа во близина на заштитени зони како Студенчишко Блато и Охридското Езеро, а наместо соодветна заштита, според Охрид SOS, со години е изложено на засилена урбанизација.

Од граѓанската иницијатива нагласуваат дека без јасно утврдени санитарно-заштитни зони, ризикот по квалитетот на питката вода за Охрид не е хипотетички, туку реален и сè поизразен.

„Законот е јасен: ваквите зони мора да постојат. Прашањето е зошто тие сè уште, со децении, не се воспоставени“, порачуваат од Охрид SOS.

Со иницијативата се бара итен ангажман од надлежните институции, со цел да се спречат можни последици по здравјето на населението и животната средина.

Од Охрид SOS предупредуваат дека заштитата на водата не смее да се сведува на реакција по настаната штета, туку мора да биде навремена и законска обврска на институциите.

error: Содржината е заштитена од копирање !!