Хоџа: Ќе се утврдат сите факти и одговорни лица
21/07/2026 12:28
Хоџа: Ќе има одговорност за сите што придонеле за кризата со водата во Гостивар
Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа најави целосно расчистување на случајот со проблемите со водоснабдувањето во Гостивар и порача дека ќе се бара одговорност од сите кои со постапување или непостапување придонеле за состојбата.
Хоџа на прес-конференција во Владата изјави дека не смее да има прикривање на одговорност кога е доведено во прашање здравјето на граѓаните.
„Очекувам целосно да се утврдат сите факти и околности, како и да се утврди и кривична и морална одговорност за сите кои со своето постапување или непостапување придонеле за оваа состојба. Кога е загрозено здравјето на граѓаните, не смее да има компромиси, ниту прикривање на одговорноста“, рече Хоџа.
Институциите ги следат наодите од истрагата
Министерот посочи дека надлежните институции внимателно го следат развојот на состојбата и изрази загриженост за граѓаните од Полошкиот регион кои побарале медицинска помош по појавените здравствени проблеми.
Тој најави дека институциите ќе продолжат да преземаат мерки во рамки на своите надлежности сè до целосно расчистување на случајот.
Општините и комуналните претпријатија се прва линија на одговорност
Хоџа нагласи дека одржувањето на водоводните системи, снабдувањето со вода за пиење и управувањето со отпадните води се надлежност на локалната самоуправа и јавните комунални претпријатија.
„Општините се првата линија на одговорност за безбедното функционирање на овие системи, како и за воспоставувањето и заштитата на санитарните заштитни зони околу водните извори“, истакна министерот.
Тој додаде дека контролата на исправноста на водата за пиење е законска обврска на центрите за јавно здравје, кои треба навремено да реагираат и да ја информираат јавноста доколку се утврди ризик.
Инвестициите не се доволни без одговорно работење
Министерот посочи дека во тек е голем инвестициски циклус за подобрување на водоснабдувањето, канализациските системи и пречистителните станици, но нагласи дека инфраструктурата сама по себе не е доволна.
„Секој носител на јавна функција и секоја институција, и на централно и на локално ниво, мора професионално, законски и совесно да ги извршува своите надлежности“, рече Хоџа.
Тој побара брза, темелна и транспарентна истрага, по која треба да следува целосно расчистување на случајот и соодветна одговорност за сите инволвирани.
На прес-конференцијата присуствуваа и портпаролката на Владата Марија Митева, директорката на Инспекторатот за животна средина Ивана Гиновска и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Оливер Миланов.





