Лекари во јавното здравство земале и над 10.000 евра плата
28/03/2026 12:57
Алиу со сериозни тврдења за платите во здравството
Во јавното здравство има лекари кои примале плати повисоки и од 10.000 евра, изјави министерот за здравство Азир Алиу на прес-конференција на која беше презентиран новиот Предлог-закон за лекови. Според него, Министерството веќе располага со конкретни податоци и случаите ќе се решаваат институционално.
Плата од 700 илјади денари во еден месец
Алиу рече дека во системот има и лекари со плата од 700.000 денари, што е повеќе од 10.000 евра. Тој не ги откри институциите за кои станува збор, нагласувајќи дека не сака да го загрози процесот со предвремено јавно објавување детали.
Министерот не сака „спектакл“, туку институционално решение
Според Алиу, случаите отвораат административни и законски процедури кои мора да се водат внимателно. Тој порача дека целта не е да се прави спектакл од здравството, туку да се спречат појавите кои, според него, веќе постојат во системот.
Огромни разлики и во бројот на прегледани пациенти
Министерот укажа и на големи отстапки во обемот на работа меѓу лекарите. Како што изјави, има доктори кои прегледуваат само еден пациент неделно, но и такви кои прегледуваат по 100 пациенти неделно, оценувајќи дека и двете крајности се проблематични.
Се најавуваат контроли, дигитализација и „фингерпринт“ систем
Покрај проверките на платите, Алиу најави и засилени контроли во здравството, дигитализација на процесите и воведување систем за евиденција со отпечаток од прст. Според него, ваквиот модел веќе се тестира во две клиники и прво ќе биде воведен во Скопје, а потоа и низ државата.
Новиот закон за лекови оди на ЕНЕР
На истата прес-конференција, министерот го претстави и новиот Предлог-закон за лекови, за кој рече дека треба да донесе побрзи постапки за одобрување и регистрација, подобра достапност на терапијата и посилна контрола врз снабдувањето. Според најавата, законот ќе биде објавен на ЕНЕР за јавни забелешки и предлози.






