MKinformer

your daily dose of news

АХВ уништи 40 тони јајца од Србија: требало лажно да се продаваат како македонски

07/05/2026 8:46

Агенцијата за храна и ветеринарство пред Велигден спречила сериозен обид за измама на пазарот со јајца. На депонијата „Дрисла“ биле уништени 40 тони јајца увезени од Србија, кои, според институцијата, требало да бидат пласирани како производ со македонско потекло.

Во една пратка биле откриени 270.000 необележани јајца. Во втората имало уште 302.400. Според АХВ, тие требало дополнително да бидат означени и лажно да се продаваат како домашни.

Со тоа, освен што би биле доведени во заблуда потрошувачите, ќе била загрозена и конкурентноста на домашното производство. Неозначените јајца биле откриени во соработка со Царинската управа, во рамки на засилените контроли на увозот пред велигденските празници.

Од АХВ за „Слободен печат“ велат дека на операторот со храна му е изречена парична казна од 1.400 евра. Институцијата додава дека небезбедните и необележани јајца биле нештетно уништени на „Дрисла“.

Истиот оператор, според Агенцијата, е регистриран во АХВ и има и сопствено производство на јајца. Сепак, против него не е поднесена кривична пријава.

Од таму посочуваат дека не е евидентиран никаков притисок или влијание во постапувањето по случајот. Нагласуваат и дека продолжуваат со зголемена фреквенција на инспекциски контроли, и кај увозот и кај домашното производство на јајца.

Според АХВ, засега ова е единствениот случај на небезбеден увоз од овој оператор за кој имале сознанија. Со навремената реакција, додаваат, бил спречен пласман на спорните јајца на македонскиот пазар.

error: Содржината е заштитена од копирање !!