MKinformer

your daily dose of news

РКЕ: Не е логично струјата да се набавува по една цена, а на граѓаните да им се продава во четири различни тарифи

08/05/2026 8:40

Новиот претседател на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, најави дека во наредниот период ќе се отвори прашањето за тарифните блокови за електрична енергија.

Според него, потребна е детална анализа на сегашниот систем со четири тарифни блока. Ристов смета дека не е логично за ист берзански производ да се плаќаат различни цени.

„Мој личен став е дека треба да се отвори и ова прашање. Ќе го разгледаме во наредниот период – дали да има блокови или не, или поинаку да се димензионираат“, рече Ристов на денешната средба со новинарите.

Тој посочи дека РКЕ ќе ги анализира досегашните ефекти од примената на тарифниот модел. Воедно, ќе се разгледаат и искуствата од земјите во регионот.

„Од искуствата од регионот ќе видиме како може да се направи нешто и дали може да се направи нешто подобро во интерес на крајните потрошувачи“, додаде Ристов.

Според него, можно е да се понуди ново решение што ќе биде поправично за граѓаните.

Ристов нагласи дека електричната енергија е берзанска стока. Производителот ја продава по иста цена, а сè друго, според него, е социјална категорија што треба да се усогласува со државата.

„Не може да постојат пет цени за ист производ. Затоа ќе ги разгледаме искуствата од примената на тарифниот систем и ќе направиме анализа од која ќе зависи што ќе правиме во иднина“, вели Ристов.

Во однос на топлинската енергија, тој не очекува драстично зголемување на цената за граѓаните.

Како што посочи, кај природниот гас засега нема големи флуктуации. За разлика од нафтените деривати, цената на гасот е релативно стабилна.

Сепак, дали ќе има поскапување на парното ќе се знае кон крајот на јули. Ристов објасни дека компаниите од овој сектор барањата ги доставуваат до 30 јуни, а потоа Регулаторната комисија ги обработува податоците.

Тој не ја исклучува можноста за мало покачување. Но, според него, ако до него дојде, тоа нема да биде драстично.

error: Содржината е заштитена од копирање !!