Хаос на линијата 63: Возач на приватен автобус ги оставил патниците сред Илинден – „Не го знаел патот за назад“
11/05/2026 17:41
Несекојдневна ситуација денеска доживеале патниците на приватниот автобус на линијата 63, откако возачот не ја довршил рутата до Мралино.
Инцидентот се случил околу 13 часот, на линијата од Транспортен центар кон Мралино.
Според сведоштва на патници, возачот во текот на возењето постојано велел дека не ја познава трасата. Поради тоа, дел од патниците му објаснувале каде треба да вози и на кои постојки да застанува.
Ситуацијата кулминирала кај автобуската постојка „Илинден први мај“, во близина на кружниот тек кај маркетот „Тинекс“.
Таму, како што тврдат патниците, возачот го запрел автобусот и им соопштил дека нема да продолжи кон Мралино.
Причината, според нив, била тоа што не знаел како да се врати назад кон Скопје.
Наместо да ја заврши рутата, направил круг на кружниот тек во Илинден и се упатил назад, оставајќи ги патниците на половина пат.
Според возниот ред на ЈСП-Скопје, од постојката „Илинден први мај“ до крајната дестинација „Мралино“ има уште 16 постојки на кои треба да застане автобусот број 63.
Патниците велат дека по неколку минути пристигнал автобус на ЈСП-Скопје на линијата 66, со кој успеале да го продолжат патувањето.
Сепак, линијата 66 не влегува во Мралино, туку минува покрај населеното место во правец кон Миладиновци.
Граѓаните реагираат дека вакви ситуации директно ја нарушуваат довербата во јавниот превоз. Според нив, проблем е и безбедноста, особено кога патниците се оставени сами да се снаоѓаат среде рута.





