Чавков: Уставните измени не беа слободна политичка одлука, туку процес под притисок
12/05/2026 22:04
Поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, преку објава на Фејсбук, оцени дека уставните измени за промена на името на државата не биле резултат на слободно и автономно политичко одлучување.
Во својата објава, Чавков посочува дека во периодот кога се обезбедувало двотретинско мнозинство, дел од пратениците биле во притвор, а дел биле соочени со закани од високи казни и истраги за финансиски криминал.
Според него, таквите околности отвораат сериозно прашање дали државата тогаш успеала да го зачува впечатокот на слободен политички процес.
Чавков тврди дека дополнителен сомнеж фрлаат и јавните информации за наводни понуди на големи суми пари за пратенички гласови. Притоа се повикува и на подоцнежни сведоштва и јавни признанија од тогашни пратеници.
Во објавата се осврнува и на пресудите за настаните од 27 април. Потсетува дека 17 лица беа осудени на затворски казни од 18, 15, 13 и 12 години.
Тој прашува зошто, како што наведува, биле потребни „17 жртвени јагниња“. Според Чавков, дел од осудените платиле висока лична цена, со загубено здравје, семејства, години од животот и достоинство.
Чавков оценува дека сето тоа подоцна било претставено како „национално помирување“, но прашува со кого всушност било постигнато тоа помирување.
Во својата порака наведува дека историјата не ја пишуваат само победниците, туку и фактите. Според него, тие факти ќе останат запаметени, без разлика на обидите да се создадат страв, притисок и молк.
На крајот, Чавков порачува дека вистината, правдата и владеењето на правото мора еден ден да бидат именувани со вистинското име. За тоа, додава, се потребни институции со капацитет.

![Во Дебар се предлага организирање на вoopyжени гpaѓански стpaжи policija-mvr[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/policija-mvr1.png)




