Мицкоски телефонски побарал објаснување од Савески за укинувањето на предметите за набавка на мазут
13/05/2026 17:51
Премиерот Христијан Мицкоски изрази силно незадоволство од одлуката на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција да ја прекине истрагата за случајот со набавката на мазут за ТЕЦ Неготино.
Станува збор за предмет тежок над 160 милиони евра. Во него беа опфатени 13 лица и една компанија.
Мицкоски порача дека очекува АД ЕСМ да поднесе жалба на оваа одлука. Според него, по таков чекор предметот треба повторно да биде разгледан.
Премиерот откри и дека разговарал со државниот јавен обвинител Ненад Савески за случајот.
„Исто така, сакам да кажам дека вчера разговарав со главниот обвинител Ненад Савески на оваа тема, тој ме информираше дека не бил информиран за оваа одлука на институцијата која ја води Ислам Абази. Претпоставувам дека по жалбата на ЕСМ предметот ќе биде разгледан и вратен на анализа“, изјави Мицкоски.
Истрагата ги опфаќаше компанијата „РКМ“, нејзините сопственици Ратко Капушевски и Ерџан Сулкоски, како и Асмир Јахоски и поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски.
Од Обвинителството образложија дека постапката е запрена затоа што не биле пронајдени докази за перење пари, злоупотреба на службената положба или оштетување на државниот буџет.
Според нив, набавките биле спроведени согласно закон во услови на енергетска криза. Воедно, мазутот бил навремено испорачан, со што било овозможено непречено производство на електрична енергија.
Обвинителството наведува и дека одлуките биле донесени колективно од Управниот и Надзорниот одбор на ЕСМ. Притоа, како што велат, не се утврдени индиции за незаконски исплати.
Кривичната пријава за случајот првично беше поднесена од Министерството за внатрешни работи на крајот на 2024 година. Потоа следеше обемна истрага, која сега повторно отвора политички и правни реакции.





![Зaпoчнyвa oпepaциjaтa “Cмeнa нa Русковска”, eкc oбвинитeл oд СЈО глaвeн кaндидaт зa нacлeдник vilma-Ruskovska-696x487[1]](https://mkinformer.com/wp-content/uploads/2021/05/vilma-Ruskovska-696x4871-1.jpg)
