Денеска се празнува Светиот апостол Јаков, братот на Јован Богослов
13/05/2026 7:47
Светиот апостол Јаков, син на Заведеј и брат на Јован, е еден од Христовите дванаесет апостоли. Кога Господ Исус ги повикал, тој и брат му веднаш ги оставиле рибарските мрежи, како и својот татко, и тргнале по Него.
Јаков бил меѓу најблиските ученици на Христос. Тој припаѓал на тројцата апостоли пред кои Господ ги откривал најголемите тајни. Бил сведок на Преображението на Тавор, но и на тагата на Исус во Гетсиманската градина пред страдањата.
По слегувањето на Светиот Дух, апостол Јаков го проповедал Евангелието на повеќе места. Според преданието, стигнал дури и до Шпанија, каде што ја ширел Христовата вера.
По враќањето, влегол во расправии со Евреите околу толкувањето на Светото Писмо. Бидејќи не можеле да му се спротивстават со аргументи, тие најмиле маѓесник по име Ермоген.
Но, силата на проповедта на апостолот била посилна од измамата. И Ермоген и неговиот ученик Филип, според преданието, биле победени од вистината што ја проповедал Јаков, по што се крстиле.
Потоа Евреите го пријавиле кај цар Ирод. За да го обвинат, наговориле човек по име Јосија да сведочи против него. Но, кога ја видел смиреноста на апостолот и ја слушнал неговата проповед, Јосија се покајал и поверувал во Христа.
Кога Јаков бил осуден на смрт, истата судбина го снашла и Јосија. Пред погубувањето, Јосија побарал прошка за клеветата што претходно ја изрекол.
Апостол Јаков го прегрнал, го целивал и му рекол: „Мир на тебе и прошка“. Потоа и двајцата ја наведнале главата под мечот и пострадале за Христос.
Светиот апостол Јаков бил убиен во 45 година во Ерусалим. Според црковното предание, неговото тело подоцна било пренесено во Шпанија, каде што и денес неговиот гроб се смета за свето место на кое се случуваат исцеленија.






