Велики Четврток: Тајна вечера, предавство и солзи
09/04/2026 8:05
Велики Четврток – Тајна вечера, предавство и први чекор кон страдањето
На денешен ден, Исус Христос со своите ученици ја воспоставил Светата тајна причест, им ги измил нозете и ја најавил својата жртва. Истата ноќ, Јуда го предал со целив, а Петар трипати се одрекол од својот Учител.
Тајната вечера и воспоставувањето на причеста
Пред празникот Пасха, во четвртокот, Христос со учениците се вратил во Ерусалим, каде на Велики четврток се случила Тајната вечера. Тајна е затоа што на неа била воспоставена Светата тајна причест. Исус ги изговорил зборовите: „Земете, јадете, ова е телото мое“ и „Пијте од неа сите, зашто ова е крвта моја“.
Овие зборови се слушаат на секоја Света литургија, чиј централен дел е Светото причестување, кое се одбележува со пиење вино и кршење леб, токму како на Тајната вечера.
Смирението како пример
Исус им ги измил нозете на своите ученици, учејќи ги со сопствениот пример како треба да служат едни на други. Тој им заповедал: „Љубете се едни со други како што јас ве љубам“.
Зборувал за претстојното страдање и за сè што ќе му се случи. Како богочовек, Исус однапред ги знаел настаните што ќе следат и своето страдање го прифатил како нужност што мора да се случи за да се заокружи неговата мисија на Земјата.
Тука ја изговорил и Првосвештеничката молитва, во која се помолил за своите ученици и за сите оние кои поради нивните зборови ќе поверуваат.
Јуда Искариотски го предава Христа истата ноќ
Треба да се каже дека Јуда уште на Велика среда отишол кај еврејските првосвештеници и прашал: „Што ќе ми дадете за да ви го предадам?“ А тие му дале 30 сребреници. Со тоа, тој веќе еден ден претходно го издал Исуса.
Гетсиманската градина и предавството со целив
Потоа Исус отишол во Гетсиманската градина, каде што, знаејќи ги страдањата што му претстојат, му се молел на својот Отец. Јуда знаел за таа градина, бидејќи Исус често се собирал таму со учениците. Таму дошле слугите на првосвештениците и фарисеите.
Исус им го покажал со целив, велејќи им: „Кого ќе го бакнам, тој е“. Исус го прашал: „Јудо, со бакнеж ли го издаваш Синот Човечки?“ Јуда не одговорил.
Стадо без пастир и Петровото одрекување
Те ноќ, учениците биле како стадо без пастир, изгубени и очајни. Тогаш Петар, кој безмерно го сакал Христа, потклекнал и трипати се одрекол од него од вечерта до зората. Го прашувале дали е еден од учениците и дали бил со Исус. Петар одговарал дека не знае кој е Тој и дека не го познава.
Кога и по трет пат изјавил дека не е, запеал петел. Петар тогаш се сетил на Исусовите зборови дека и тој трипати ќе се одрече од него пред петел да запее. Сфатил колку е голем неговиот пад, се покајал од длабочината на душата и плачел со горчливи, чемерни солзи, молејќи за прошка.
Јуда, покајание без прошка
Јуда, од друга страна, сфатил дека она што го направил е страшно. Влегол во храмот и ги фрлил парите, велејќи дека ја предал невината крв. Но неговото закоравено срце не било подготвено за покајание. Не можел да се покае и да моли за прошка. Во очај се обесил, додавајќи си го и непростивиот грев на самоубиство.
За разлика од Петар, кој станал еден од најголемите апостоли, Јуда останал запаметен само како предавник.
Крвна нива
Првосвештениците не сакале парите што Јуда ги фрлил да ги стават во храмската благајна. За тие пари купиле нива за да биде место каде што ќе се погребуваат странците. Нивата ја нарекле „Крвна нива“, затоа што е купена со крвави пари.
Зората следниот ден не најавувал ништо добро. Тоа бил денот на Христовото конечно страдање и најголемите маки – Велики петок.






