Три нови катни гаражи и „паметен паркинг“ на Клинички: Резервација преку апликација, бесплатно за онколошки пациенти
12/02/2026 16:50
Владата даде зелено светло за изградба на три монтажни катни гаражи во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, а министерот за здравство Азир Алиу најави модернизација на целиот систем за паркирање.
Катните гаражи ќе бидат поставени на три локации: кај Инфективната клиника, во близина на ГАК и кај хелиодромот. Најголемата гаража ќе биде кај Инфективната клиника, каде што има најмногу простор и каде е предвиден и посебен влез во кампусот.
Дополнително, ќе се отвори нов влез во комплексот кај Клиниката за кардиологија и Државната кардиохирургија, наменет за пациенти во животозагрозувачка состојба, со цел побрз пристап до здравствените услуги. Реализацијата на проектот се очекува да заврши до јуни.
Нов систем: Резервација и плаќање преку апликација
Според најавите, ќе се воведе „паметен“ паркинг систем со сензори за детекција на слободни места, информативни табли, дигитален водич и камери за автоматска регистрација на возила поврзани со фискален систем.
Граѓаните ќе можат однапред да резервираат паркинг место преку апликација, со внесување на бројот на упат. Доколку не користат апликација, на влезната рампа ќе може директно да се скенира Кју-ар кодот од упатот.
Вработените ќе имаат посебни Кју-ар кодови и резервирани места, додека посетителите ќе плаќаат комерцијална цена. Онколошките пациенти и понатаму ќе имаат бесплатно паркирање.
Плаќањето ќе биде возможно онлајн преку апликацијата или во готово.
Четири ценовници, одлуката ја носи Град Скопје
Министерот информираше дека ќе постојат четири видови на плаќање – за онколошки пациенти (бесплатно), за пациенти што се лекуваат, за вработени и комерцијална цена за посетители или други лица.
Цените ќе ги утврдат Град Скопје и ЈП Градски паркинг, по што ќе треба да бидат изгласани на седница на Советот на Град Скопје.
Проектот ќе се реализира во рамки на 15-годишен договор, при што Градот ќе располага со меѓу 1.200 и 1.500 нови паркинг места.
Покрај модернизацијата на паркинзите, најавено е уредување на просторот со ново ЛЕД осветлување, пешачки патеки и засадување нови дрвја. Во план е и набавка на електрично возило кое ќе се користи за транспорт на пациенти меѓу клиниките во рамки на кампусот.




