MKinformer

your daily dose of news

Рубио: Нема договор ако Иран воведе наплата за премин низ Ормускиот теснец

21/05/2026 20:03

Американскиот државен секретар Марко Рубио порача дека дипломатски договор меѓу САД и Иран би бил невозможен ако Техеран воведе систем на наплата за премин низ Ормускиот теснец.

Рубио изјави дека никој во светот не поддржува таков потег и оцени дека тоа би било целосно неприфатливо.

„Тоа не може да се случи. Би било неприфатливо. Би го оневозможило постигнувањето дипломатски договор доколку продолжат да го спроведуваат. Значи, тоа е закана за светот ако се обидат да го сторат тоа, а тоа е целосно нелегално“, изјави Рубио.

Тој додаде дека има одреден напредок во разговорите меѓу Вашингтон и Техеран за прекин на американско-израелската војна против Иран.

„Постојат некои добри знаци. Не сакам да бидам премногу оптимист… Па да видиме што ќе се случи во следните неколку дена“, рече Рубио.

Покрај тоа, американскиот државен секретар се осврна и на односите со Куба. Тој оцени дека шансите за мировен договор меѓу САД и Куба во овој момент се мали.

Според Рубио, Вашингтон и натаму преферира дипломатско решение, но не очекува значителен напредок со сегашното кубанско раководство.

„Тоа останува наш приоритет кога станува збор за Куба. Но, искрено, со оглед на тоа со кого си имаме работа во моментов, веројатноста тоа да се случи не е голема. Доколку го променат својот став, ние сме подготвени да разговараме“, изјави Рубио.

Тој ја обвини Куба дека подолго време претставува закана за националната безбедност на САД и тврдеше дека на островот има руски и кинески разузнавачки структури.

Во меѓувреме, администрацијата на Доналд Трамп, како што рече, продолжува со политиката на притисок кон Хавана, иако Куба ја прифатила американската понуда за хуманитарна помош вредна 100 милиони долари.

error: Содржината е заштитена од копирање !!