MKinformer

your daily dose of news

САД се повлекуваат од мировните преговори меѓу Украина и Русија, нема волја за напредок вели Рубио

23/05/2026 19:23

Американскиот државен секретар Марко Рубио потврди дека преговорите со учество на Вашингтон за прекин на војната во Украина во моментов се прекинати поради недостиг на напредок.

Говорејќи пред новинарите за време на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во Шведска, Рубио изјави дека САД биле вклучени во процесот затоа што и Москва и Киев сметале дека токму Вашингтон може да помогне во воспоставување дијалог.

„Се вклучивме затоа што ни кажаа дека ние сме единствените што можат да го направат тоа. Единствените со кои ќе разговараат и Русите и Украинците“, изјави Рубио.

Сепак, тој призна дека досегашните разговори не дале конкретни резултати.

„За жал, тие не беа продуктивни“, рече американскиот државен секретар.

Рубио ги отфрли и тврдењата дека САД вршеле притисок врз Украина да заземе одредени позиции во преговарачкиот процес.

„Приказните што се шират дека ги принудивме Украинците да заземат одреден став не се вистинити“, нагласи тој.

Според Рубио, Вашингтон не ја затвора целосно вратата за нова улога во преговорите, но ќе се врати само ако постои реална шанса процесот да донесе резултат.

„Во последните неколку месеци имавме чувство дека нема значителен напредок, но можеби динамиката ќе се промени. Ако видиме можност да организираме преговори кои ќе бидат продуктивни, а не контрапродуктивни, и кои имаат шанса да бидат успешни, ние сме подготвени да ја играме таа улога“, изјави Рубио.

Тој додаде дека САД не сакаат да бидат дел од бесконечен циклус на состаноци без суштински ефект.

Рубио порача и дека според Вашингтон, оваа војна не може да заврши со класична воена победа на една од страните, туку само со договорено решение.

error: Содржината е заштитена од копирање !!