Министерството за финансии одзеде лиценца на друштво за брзи кредити по сериозни неправилности
23/05/2026 15:45
Министерството за финансии соопшти дека одзело дозвола за работа на едно од поголемите финансиски друштва на пазарот, по пријава од граѓанин и спроведен вонреден надзор.
Од институцијата велат дека надзорот открил сериозни неправилности, грубо прекршување на законските прописи и постапување спротивно на правилата за заштита на корисниците.
Според Министерството, биле констатирани и практики со кои директно биле доведени во ризик граѓаните што користеле финансиски услуги.
„Поради тежината на утврдените прекршоци и сериозноста на констатираните неправилности, Министерството за финансии во мај донесе решение за одземање на дозволата за работа на финансиското друштво“, се наведува во соопштението.
Министерството засега не го открива името на фирмата за брзи кредити која останала без лиценца.
Од почетокот на годината досега, како што информираат од Министерството, биле изречени 22 глоби за 16 друштва, како и 23 писмени наредби за отстранување на утврдените неправилности.
Воедно, се најавуваат и законски измени со кои дополнително ќе се заострат условите и критериумите за работа на финансиските друштва.
Со овој потег, Министерството испраќа порака дека контролите во секторот ќе продолжат и дека заштитата на граѓаните ќе биде во преден план.






