Фактор открива кое финансиско друштво за брзи кредити ја загуби лиценцата за работа
24/05/2026 6:39
„Креди Јес“ е финансиското друштво за брзи кредити на кое Министерството за финансии му ја одзеде лиценцата за работа поради утврдени неправилности, објави Фактор.
Според информациите, станува збор за едно од поголемите друштва на пазарот, зад кое стојат сопственици од Бугарија.
По одземањето на лиценцата, „Креди Јес“ ги затвора своите околу 40 филијали низ земјава. Воедно, околу 120 вработени добиле известување дека работењето е прекинато.
Како што објави Фактор, единствено што ќе може да го прави друштвото во наредниот период е да ги наплаќа своите постојни побарувања.
Министерството за финансии претходно соопшти дека дозволата за работа е одземена на едно од поголемите финансиски друштва на пазарот, откако со вонреден надзор, спроведен по пријава од граѓанин, биле утврдени сериозни повреди на законските обврски.
„Надзорот утврди грубо прекршување на законските прописи, постапување спротивно на правилата за заштита на корисниците и практики со кои директно биле доведени во ризик граѓаните – корисници на финансиски услуги. Поради тежината на утврдените прекршоци и сериозноста на констатираните неправилности, Министерството за финансии во мај донесе решение за одземање на дозволата за работа на финансиското друштво“, соопшти Министерството.
„Креди Јес“ почна со работа во Македонија во 2019 година. Според податоците што ги објавува Фактор, лани компанијата остварила приходи од околу 4 милиони евра и добивка од околу 1,15 милиони евра.
Случајот повторно го отвори прашањето за контролата врз друштвата за брзи кредити и за заштитата на граѓаните кои користат вакви финансиски услуги.






