Станари од Тафталиџе алармираат: За наводен долг од неколку стотини денари добиле извршување од десетици илјади
17/06/2026 8:37
Станари од скопската населба Тафталиџе реагираат дека добиле решенија за извршување поради наводни заостанати долгови по основ на камати за одржување на зградите.
Според нив, станува збор за износи од само неколку стотици денари. Но, по вклучувањето на нотарски, адвокатски и извршителски трошоци, вкупната сума пораснала на неколку десетици илјади денари.
Тие тврдат дека не добиле претходна опомена за долг, ниту известување дека е поведена извршна постапка.
Наместо тоа, како што велат во изјава за Скопје Инфо, налозите за извршување директно биле доставени до нивните работодавачи.
Станарите сметаат дека станбените управители и извршителите нашле нов модел за наплата, преку активирање постапки за заостанати камати од сметките за одржување на зградите.
Во дел од случаите, велат тие, основниот долг изнесувал околу 500 денари. Но, крајната сума значително се зголемила поради дополнителните трошоци.
Тие посочуваат дека во постапката биле вклучени нотар и извршител. Одговорност гледаат и кај станбениот управител „Урбан Комфорт“, кој, според нив, ги доставил потребните податоци и ја овластил наплатата по извршен пат.
Дополнително, станарите тврдат дека никој не добил известување во поштенското сандаче, иако во постапките, како што велат, било наведено дека доставата е уредно извршена.
„Смешно и истовремено трагично е што ниту еден станар не добил известување, а истовремено се тврди дека доставата е извршена“, велат тие.
Станарите оценуваат дека ваквите практики сериозно ја нарушуваат довербата меѓу граѓаните и компаниите што управуваат со станбени објекти.
Тие најавуваат дека ќе ги бараат своите права по судски пат и ќе побараат институциите да го испитаат начинот на кој биле спроведени постапките за наплата.






