„Везилка“ – првиот национален центар за ВИ во Македонија
24/06/2026 16:56
Стартува националниот проект за вештачка интелигенција „Везилка“
Македонија го направи досега најголемиот исчекор во областа на вештачката интелигенција. Денес официјално започна проектот „Везилка“ – првиот Национален центар за вештачка интелигенција, кој треба да стане клучна инфраструктура за развој на знаење, иновации и современи технолошки решенија во земјата.
Партнерство и финансирање од ЕУ
Проектот се реализира во партнерство меѓу Владата, Министерството за дигитална трансформација, академската заедница и Европската Унија, а носител е Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ). „Везилка“ е избрана за финансирање преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC, со што Македонија станува дел од европската мрежа на AI Factory Antennas.
Симболиката на името „Везилка“
Проф. д-р Димитар Трајанов од ФИНКИ, кој го презентираше проектот, ја објасни симболиката на името:
“Името ‘Везилка’ има симболично значење. Идејата е да поврзува мали бодови и од нив да се направи голема слика. Сакаме да ги поврземе луѓето со знаење, да ја поврземе традицијата со иднината”.
Инвестиција во иднината
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски оцени дека проектот претставува системска инвестиција во иднината на државата.
“Денес поставуваме темел на една нова национална инфраструктура за знаење, иновации и технолошки развој. Ова е проект што ги поврзува науката, технологијата, институциите, бизнисот и младите таленти во заедничка визија за иднината”, истакна Андоновски.
Македонскиот јазик во ВИ системите
Еден од клучните сегменти на проектот ќе биде развојот на македонски јазични модели и зајакнувањето на присуството на македонскиот јазик во новите генерации системи за вештачка интелигенција.
“Во ерата на вештачката интелигенција, дигиталното присуство на македонскиот јазик станува прашање на зачувување на културниот идентитет. Нашата цел е македонскиот јазик да биде рамноправно присутен во идните генерации на ВИ системи”, нагласи Андоновски.
Практични решенија и обуки
Покрај научно-истражувачката компонента, центарот ќе работи и на развој на практични решенија за здравството, енергетиката, земјоделството и јавната администрација. Предвидено е и формирање центар за обуки, трансфер на знаење и развој на кадри.
Поддршка од премиерот
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека „Везилка“ е инвестиција во знаење, талент и конкурентност, нагласувајќи дека идниот развој на државите ќе зависи од нивната способност да вложуваат во иновации и нови технологии.
Поврзаност со европскиот екосистем
Националниот центар ќе биде поврзан со европската AI фабрика „Фарос“ во Грција и ќе стане дел од поширокиот европски екосистем за вештачка интелигенција, отворајќи нови можности за македонските истражувачи, компании и стартапи.






