Реконструкцијата на Владата се одложува за идната недела, ЗНАМ сè уште не го дава ресорот Правда
26/06/2026 17:27
Реконструкцијата на Владата ќе биде позната идната недела.
Тоа треба да се случи по седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Седницата е најавена за вторник.
Ова го соопшти премиерот Христијан Мицкоски.
Претходно се очекуваше прекројувањето на владниот кабинет да биде познато овој викенд.
Мицкоски: Прво политичка одлука, потоа имиња
Премиерот не откри дали сè уште нема договор со коалициските партнери околу смената на министрите.
Тој рече дека прво треба да се донесат политички одлуки.
„Во вторник ќе ја имаме седницата на Извршниот комитет, сепак тоа се политички одлуки на политичко ниво треба да се донесат, па дури потоа да ги операционализираме во рамките на Владата. Така што во вторник, најпрво да помине седницата на Извршниот комитет, па дури потоа да ги кажеме кои се ресорите и кои се имињата“, изјави Мицкоски.
ЗНАМ сè уште не го дава ресорот Правда
Неофицијално, сè уште нема договор со владиниот партнер ЗНАМ.
Според информациите, партијата не се согласува да го отстапи ресорот Правда.
Тоа би значело министерот Игор Филков да ја напушти оваа позиција.
Од ЗНАМ велат дека засега нема конечен договор.
Според нив, во разговорите се отворени сите теми.
Мемов: Нема конечен договор за ниту едно прашање
Портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов, изјави дека разговорите продолжуваат.
Тој рече дека имало неколку средби на партиско лидерско ниво.
Преговарачките тимови на ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ, според него, континуирано разговараат.
„На маса се сите отворени теми. Нема конечен договор за ниту едно прашање. Разговорите во континуитет продолжуваат во следните денови и очекуваме разврска на сите настани кон средината на следната недела“, изјави Мемов.
Алиу и Љутков меѓу имињата што се споменуваат
Меѓу имињата кои се споменуваат во контекст на реконструкцијата се министерот за здравство Азир Алиу и министерот за култура Зоран Љутков.
Алиу рече дека секој ден на функцијата го гледа како можен последен ден од политичка гледна точка.
„Ова е институционално прашање, ова не е лично прашање, бидејќи јас не аплицирав, немаше конкурс да аплицирам да станам министер, туку ова е политичка функција“, изјави Алиу.
Тој додаде дека институциите треба да одговорат кој ќе биде на чело на едно министерство.
Љутков: Сè уште течат преговорите
Министерот за култура Зоран Љутков рече дека процесот е во тек.
Според него, преговорите сè уште траат.
„Во процес се, преговори се, така да се надевам дека до крајот на оваа недела ќе ги имате сите потребни информации. Ние сме на средина на процесот. Како што кажав, сè уште течат преговорите, ќе видиме“, изјави Љутков.
Тој додаде дека, што и да се случи, останува зад културата.
ВЛЕН очекува подобра позиција
Копретседателот на ВЛЕН, Биљал Касами, деновиве изјави дека позицијата на партијата во Владата ќе биде многу подобра од досегашната.
Тој рече дека се во завршна фаза на затворање на договорот.
Според Касами, ВЛЕН како владин партнер ќе раководи со шест министерства.
Еден од ресорите што го побарале е Министерството за култура.
Разврска кон средината на следната недела
Засега официјално не се соопштува кои министри ќе заминат.
Не е објавено ниту кои ресори ќе бидат предмет на размена меѓу владините партнери.
Според најавите, повеќе детали ќе бидат познати по седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Разврската се очекува кон средината на следната недела.




