Вечерва ќе бидат објавени промените во Владата по седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ
30/06/2026 9:07
Вечерва се очекува да бидат објавени промените што произлегуваат од реконструкцијата на Владата, по седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека со коалициските партнери „Вреди“ и ЗНАМ постои принципиелен договор околу распределбата на ресорите. Сепак, како што посочи, персоналните решенија ќе бидат соопштени дури по седницата на партиското раководство.
Мицкоски рече дека досега не се разговарало за конкретни имиња, туку за начелна поделба на ресорите. Тој најави дека јавноста ќе биде детално информирана вечерва, околу 20 часот.
Реконструкција, ребаланс и реформски закони
Премиерот најави дека во текот на овој месец се очекува да се реализира реконструкцијата на Владата, заедно со ребалансот на буџетот.
Доколку има потреба, во истиот период би се носеле и реформски закони поврзани со реформската агенда.
Според Мицкоски, Собранието во август ќе биде на летен одмор, по што активностите ќе продолжат во септември.
„Вреди“ и ЗНАМ со нова распределба на ресорите
Според изјави на претставници на коалициските партнери, по реконструкцијата „Вреди“ би требало да раководи со неколку министерства.
Меѓу нив се споменуваат ресорите животна средина, економија, правда, евроинтеграции, култура и односи меѓу заедниците, при што дел од ресорите би добиле нови кадри.
Од ЗНАМ најавуваат дека ќе раководат со две министерства, а конечната распределба на ресорите се очекува да биде соопштена денеска.
Фетаи нема да биде дел од новиот владин состав
Засега е познато дека Арбен Фетаи, досегашен вицепремиер за добро владеење, нема да биде дел од новиот владин состав.
Во јавноста се споменуваат и можни промени во дел од министерските позиции, но официјална потврда сè уште нема.
Мицкоски претходно изјави дека реконструкцијата не се прави само поради досегашните резултати, туку и поради промена на приоритетите. Тој нагласи дека обемот на кадровските измени сè уште не е дефиниран.
Според најавите, предлог-составот на новата Влада ќе биде доставен до Собранието веднаш по објавата, по што ќе следува собраниска процедура за негов избор.




