Шест инвеститори заинтересирани за купување на „Алта банка“: Славески веќе разговарал со две домашни банки
07/11/2026 10:40
За купување на Алта банка АД Битола интерес пројавиле шест инвеститори, а гувернерот на Народната банка Трајко Славески веќе одржал средби со две домашни банки. Тој не откри за кои банки и останати инвеститори станува збор.
Славески порача дека продажбата е најпосакуваното решение за банката, која од 1 ноември е под привремена управа на Народната банка.
Продажбата е првата опција
Гувернерот рече дека Народната банка активно бара купувач, но дека има и инвеститори кои самостојно пројавиле интерес.
Според него, „Алта банка“ Битола е ликвидна и висококапитализирана банка со солиден кредитен портфолио и потенцијал за развој.
Славески истовремено призна дека се разгледуваат и други, како што ги нарече, „екстремни сценарија“, кои никој не ги посакува. Тоа следува по изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека една од можните опции, доколку не се реализира продажба, е одземање на дозволата и отворање стечајна постапка.
Кој ќе ја купи „Алта банка“? Две домашни банки во игра, се споменуваат уште неколку заинтересирани
Лимитот се зголемува на 15.000 денари
На прес-конференцијата беа соопштени и три нови олеснувања за клиентите.
Од понеделник, 9 ноември, неделниот лимит за подигање готовина и плаќање со платежните картички на банката ќе се зголеми од 10.000 на 15.000 денари.
Истовремено, клиентите без платежни картички ќе можат да подигнат до 20.000 денари и на шалтерите во Тетово и Струмица, кои ќе бидат отворени од понеделник.
Новите плати и пензии без ограничување
Третото олеснување се однесува на новите приливи од плати, пензии и социјални трансфери.
Доколку парите доаѓаат од институција или компанија што има сметка во друга банка, клиентите на „Алта банка“ ќе можат да располагаат со целиот пристигнат износ, без досегашните ограничувања.
Тоа значи дека за ваквите идни приливи нема да биде потребно отворање нова сметка во друга банка.
Организиран превоз од Прилеп, Ресен и Охрид
Народната банка најави и организиран автобуски превоз за корисници од Прилеп, Ресен и Охрид до филијалата во Битола, за да можат да ги подигнат пензиите и социјалната помош.
Филијалата во Битола продолжува да работи во две смени, а отворена е и денеска, сабота, 7 ноември.
Славески нагласи дека банката продолжува да работи, не е во стечај и не ѝ е одземена дозволата. Според него, привремената администрација треба да трае до решавање на сопственичката состојба.
Во моментов Народната банка го насочува процесот кон купување на Алта банка, при што интерес има од шест потенцијални инвеститори, а разговорите со две домашни банки веќе се започнати.





